За страшната трагедија во дискотеката во Кочани досега се приведени 18 лица, додека пак задржани се 16 лица.
Извршени се разговори со 71 лице, од кои 42 се во Скопје и 29 лица во Кочани.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, денеска на прес-конференција, порача дека максимално се посветени случајот и се преземаат максимални чекори во насока на негово разрешување.
Претреси, како што кажа Тошковски, извршени се на две лица, вработени во Министерство за економија, при што одземени се техничка опрема, документација, оружје, муниција, а денеска извршени се претреси и на службени простории кои се користат од државен советник во рамки на Министерство за економија. Претреси, исто така, извршени се и кај управителот и одговорното лице на дискотеката, а полициски службеници од одделот за крим полиција и организиран криминал влегоа и во општината, каде, како што нагласи, се преземаат мерки и активности за обезбедување на документација поврзана со дискотеката.
Досега, на 11 лица им е одредена мерка притвор за постоење на основано сомнение за сторени „тешки дела против општата сигурност“, додека на три лица име одреден притвор за „несовено работење“.
Тошковски, исто така, информира дека последното задржано лице се терети за „тешки дела против општата сигурност“ во врска со предизвикување на општа опасност, а истото е потписник на еден од потребните документи за ставање во функција на еден кабаре клуб.
„Постојат основи, кои што, одат во насока дека незаконито, паушално, без утврдување на фактичка состојба биле изготвувани круцијални документи, кои што биле предуслов во понатамошната постапка за ставање во функција за предметното кабаре“, изјави Тошковски.
