Јанчева: Арсовска бега од медиумите, се плаши – Град Скопје: Советничката Јанчева може да се пофали само со јадење бифтеци и трошење на народните пари

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Координаторката на советничката група на СДСМ и коалицијата во Град Скопје, Љубица Јанчева денеска, на Денот на пожарникарството, истакна дека Град Скопје овој ден годинава го одбележале за прв пат без присуство на медиумите и затворен за јавноста.

„Денеска е Денот на пожарникарството и ја користам приликата од мое име и од името на советничката група на СДСМ во Град Скопје да им го честитам денот на сите пожарникари. Град Скопје овој ден годинава го одбележа за првпат без присуство на медиумите и затворен за јавноста“, вели Јанчева.

Таа додава дека очигледно „градоначалничката Данела Арсовска не сака да се соочи со новинарите, па освен што не доаѓа на седници на Совет, освен што не одговора на прашања, сега почна да одржува и настани без да ги покани медиумите“.

„Дали овој потег на Арсовска се должи на нејзиниот страв новинарите да не постават прашање зошто шест месеци бригадата за противпожарна заштита е оставена без договор за сервисирање на противпожарните возила? Дали тие возила ќе бидат функционални и безбедни во пресрет на сезоната на пожари? Дали Арсовска се плаши од прашањето зошто два дена 100.000 граѓани од Драчево и околните места се без вода за пиење? Освен што ништо не работи, Арсовска се крие и бега од новинарите и јавноста, тоа е недозволиво за еден градоначалник на главниот град на државата. Шест месеци беа доволни да се докаже дека Арсовска е најнеуспешниот градоначалник на Град Скопје“, посочи Јанчева.

Со реакција се јавија и од Град Скопје од каде велат дека советничката Јанчева може да се пофали само со јадење бифтеци и трошење на народните пари.

Од таму се осврнаа и на поранешниот градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов за кого велат дека целиот свој мандат го минал со навреди кон граѓаните, невидена ароганција и расправии со пожарникарите.

„За шест месеци, градоначалничката Арсовска и Град Скопје инвестираа во човечкиот и инфраструктурниот потенцијал на противпожарната бригада колку што за четири години не направил ниту еден претходен градоначалник. Кога станува збор за неодговорноста и неспособноста да не заборавиме додека Скопје го живееше 80 часовниот карантин, а населбите Жданец, Нерези и Трндол во среде пандемија остана без вода за пиење поради неспособното раководство на скопски Водовод поставено токму од Шилегов. Поранешната претседателка на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева треба да одговори на јавноста колку седници на советнички прашања одржа како претседател на Совет и на колку од нив присуствувал Петре Шилегов и колку пати Љубица Јанчева го прекршила Деловникот за работа на Советот?“, велат од Град Скопје.

Од Град Скопје додаваат дека е срамно кога советничката Љубица Јанчева говори дека Градот Скопје и градоначалничката Арсовска не реализираат ништо, кога и самата во Советот ги гласа одлуките за реализација на проектите и програмите кои се во интерес на граѓаните. 

„Советничката од СДСМ Љубица Јанчева изгледа очајно кога зборува за успешност, кога претходното градско раководство може да се пофали само со јадење бифтеци и трошење на народните пари. Граѓаните на Скопје јасно се изјаснија кој е недомаќин и најнеуспешен градоначалник и кој сакаат да го води Градот. Почитувани секој обид да се наштети на угледот на Град Скопје е на штета на скопјани“, порачуваат од Град Скопје.