ЈП Комунална хигиена: Однесувањето на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски е срамно

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

ЈП Комунална хигиена-Скопје остро реагира на информацијата од
градоначалникот  на општината Кисела Вода дека е поднесена прекршочна
пријава против Претпријатието.

„Нашите очекувања беа дека досега ќе бидат поднесени пријави против
прекршителите на Законот за јавна чистота што секојдневно ја загадуваат
животната средина и го загрозуваат јавното здравје преку несовесно и
непрописно одлагање огромни количества отпад на јавни површини. За жал, досега не сме слушнале дека инспекциските служби при општината
реагирале, опоменале или казниле некој од овие прекршители.

Ве молиме да престанете со валканите политички игри, ниските удари и
обидите да го компромитирате Претпријатието.

И самиот сте добро запознат дека комуналниот отпад во општината Кисела
Вода се собира и транспортира континуирано и секојдневно – без никаков
застој, според динамиката утврдена со Оперативната програма за собирање и транспортирање на комунален отпад од подрачјето на градот Скопје. Во текот на месец јуни 2024 година, на територијата на општината се подигнати и транспортирани приближно 1400 тони комунален отпад. Исто така, во општината Кисела Вода континуирано се реализираат и рачно и машинско метење, како и машинско миење на булеварите и улиците со употреба на автоцистерни.

Понатаму, во текот на минатиот месец, екипите на ЈП Комунална
хигиена-Скопје подигнаа и вкупно 100 кубни метри отпад од голем број
диви депонии, лоцирани на улиците Христо Татарчев, Боте Боцески, Дичо
Петров, Ѓорѓи Димитров и добро познатата локација кај Томи маркет што
претставува „црна точка“ каде што се интервенира најмалку еднаш неделно за отстранување непрописно одложен отпад од јавните и сообраќајните површини.

Ви советуваме веднаш да пристапите со инспекциски надзор, но не врз
работата на ЈП Комунална хигиена-Скопје чиишто активности на терен се
одвиваат седум дена во неделата  во три смени, туку врз несовесните
поединци што во последните неколку месеци тенденциозно се занимаваат со непрописно одлагање отпад и загадување на животната средина, со цел да ги доведат во прашање компетентноста и ангажираноста на екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје“, стои во соопштението на ЈП Комунална хигиена.