Каја Калас во официјална посета на Македонија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Каја Калас, високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседателка на Европската комисија, денеска ќе престојува во официјална посета на Македонија. Калас е на тродневна турнеја низ Западен Балкан.

Се очекува Калас и Мицкоски да зборуваат за евроинтеграцијата на земјава, и да се потврди посветеноста на ЕУ кон земјите во Западен Балкан.

Како што информираат од Делегацијата на ЕУ во земјава, за време на посетата Калас ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски и членовите на Владата, по што ќе следи заедничка прес-конференција со премиерот во Владата. Подоцна, заедно со министерот за надворешни работи и трговија, Тимчо Муцунски и министерот за одбрана, Владо Мисајловски, Калас ќе учествува на отворањето на дијалогот за безбедност и одбрана меѓу ЕУ и Македонија во рамките на Партнерството за безбедност и одбрана потпишано во ноември 2024 година, кој ќе се одржи во Министерството за надворешни работи во 14 часот. Овој дијалог, како што информираат од Министерството за надворешни работи и трговија, претставува важен чекор во продлабочувањето на соработката меѓу Република Македонија и Европската Унија во областа на надворешната и безбедносната политика, како и во понатамошната интеграција на земјата во европската безбедносна архитектура.

Калас потоа ќе го посети седиштето на Балканската медицинска наменска сила во касарната „Илинден“ заедно со министерот за одбрана Мисајловски.

Посетата на Калас се очекува да заврши во „Europe House“ каде ќе се сретне со група млади луѓе.

Претходно високата претставничка на ЕК за надворешна политика престојуваше во Црна Гора, Албанија и БИХ, а пред да дојде во Скопје, беше во Белград и во Приштина.