Ќе се одзема мандатот на градоначалниците – Перински: Неможноста да се отповикаат е аномалија која треба да се смени

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

На градоначалниците во иднина да може да им биде одземен мандатот.

Ова се најавува со новиот закон за локална самоуправа, откако неодамна претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски изјави дека моментално според законите градоначалниците се премногу моќни. Ова се случува и со градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, за која иако состојбата во град Скопје е во колапс и во сите сфери на живеењето е крајно загрижувачка нема начин и мерки со кои што таа може да се смени. За сега се уште не е утврдено, но најверојатно одлука за одземање на мандатот ќе се носи преку референдумско изјаснување на граѓаните. Министерот Златко Перински вели дека постојното законско решение кое е старо веќе две децении таква можност не предвидува.

-Постојното законско решение морам да спомнам дека е постаро од две децении и во моментот не е предвидена можност за отповикување на градоначалник. Значи кога градоначалник согласно изразена волја на граѓаните на непосредни избори ќе добие мандат нема можност потоа до истекот на мандатот да се отповика. Токму и затоа сметаме дека треба да интервенираме во овој закон преку широк консензус, да слушнеме и интернационални експерти но исто така да ги слушнеме и домашните експерти, да најдеме заедничко решение кое што би требало оваа аномалија на законот да ја смениме, изјави Златко Перински, министер за локална самоуправа.

Со новиот закон Перински најавува и комунална полиција, која ќе има должност да врши контрола на несовесно однесување на граѓаните со хигиената и урбаната опрема, како и одржување ред во општините.

-Се уништува урбаната опрема која што се инвестира од страна на локалните самоуправи. Таа се инвестира но потоа останува целосно незаштитена. Затоа сметаме дека законот за комунални дејности кој што де факто е во ингеренции на друго министерство треба да се доработи и доуреди во насока на поголемо обезбедување на зачувување на оние инвестиции во дел на инфраструктурата од локалните самоуправи, а наша интенција е комуналната полиција да ја препознаеме во Законот за локална самоуправа за во иднина да можеме да превенираме вакви девијантни состојби, изјави Златко Перински, министер за локална самоуправа.

Перински најави и дека до крајот на неделава од 6 ресорни министерства треба да стигнат предлозите до Владата за усвојување на инфраструктурните проекти кои ќе добијат средства од заемот од Унгарија.

Проектите што ги предложиле општините најмногу се насочени за реконструкција на улици и патишта како и подобрување на канализациони и водоводни системи.