Ќе се преслушува снимката од комуникацијата меѓу пилотите и контролорите за избегнатиот судир на два авиони на небото над Скопје

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Комитетот за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти (КИНСИВ) објави дека ќе отвори истрага за безбедносниот настан на 7. месецов над Скопје, кога беше избегнат судир меѓу два цивилни авиона.

„В понеделник ќе влеземе во М-НАВ и ќе ги направиме потребните разговори, ќе ги преслушаме снимките од комуникацијата помеѓу контролорите и пилотите на авиони, како и ќе ги прегледаме видеозаписите. Наша цел не е да утврдуваме вина, туку да идентификуваме причината која довела до инцидентот. Исто така, ќе побараме изјави од пилотите на двата авиона преку нивните воздухопловни власти и ќе ја информираме јавноста. Сè друго во моментот би било шпекулација,“ изјави Зоран Илиевски, претседателот на КИНСИВ за МИА.

Давателот на навигациски услуги, М-НАВ, претходно соопшти дека е поднесена пријава за безбедносниот настан во пропишаниот рок и дека е отворена истрага за утврдување на фактичката состојба и причините за инцидентот.

М-НАВ истакна дека ваквите настани, како и секаде во Европа, секогаш се навремено пријавуваат и процесираат од сите релевантни одделенија.

„На 7 септември во 18:30 часот беше поднесена пријава за безбедносен настан во пропишаниот рок од страна на извршителите кои работеле на засегнатиот сектор. Според правилата и пропишаните процедури, пријавата беше регистрирана од одделението ИМС (Integrated Management Systems) и доставена до Агенцијата за цивилно воздухопловство. Исто така, според важечките процедури, од страна на одделението ИМС беше отворена истрага за утврдување на фактичката состојба и причините за настанот.