Кисела Вода со прекршочна пријава против ЈП Комунална Хигиена од 1500 евра, нередовно го собирале отпадот во Општината

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, информира дека против Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје е поднесена прекршочна пријава во износ од 1 500 евра поради ненавремено и нередовно собирање на отпадот во Општината.

Прекршочната пријава е поднесена од страна на советник, кој е комунален инспектор во Општина Кисела Вода, по направен вонреден инспекциски надзор на територија на Општината, а по претходно добиена пријава од граѓани.

„Постапувајќи по реакција на граѓани на Општина Кисела Вода, комуналниот инспектор на Општина Кисела Вода изврши увид на целата територија на Општината при што е констатирано дека давателот на услуги кој врши собирање комунален смет и безопасен отпад, спротивно на член 13 од Законот за комунални дејности, не го врши редовно собирањето на територија на Општина Кисела Вода за што е предвидена глоба согласно член 41 од Законот за комунални дејности. Од страна на комуналниот инспектор ќе биде издаден прекршочен платен налог во висина од 1 500 евра во денарска противвредност согласно член 41 став 1 алинеја 1 за правно лице од Законот за комунални дејности“,се наведува во записникот од извршениот инспекциски надзор во Кисела Вода кој на Фејсбук го објави градоначалникот на Општината, Орце Ѓорѓиевски.