Array

Комисијата ќе расправа за одземање на имунитетот на Вељаноски

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Барањето за одобрување притвор на пратеникот Трајко Вељаноски, поднесено од Одделение за организиран криминал и корупција при скопскиот Кривичен суд денеска ќе биде разгледано од собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери вчера го достави Барањето до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања со претседава пратеникот, Павле Богоевски.

Поради повикување на погрешен член од законот,  Џафери вчера го врати до Кривичниот суд Барањето за одземање на пратеничкиот имунитет на Вељаноски, по што попладнето повторно беше препреатено во Законодавниот дом.

Според Деловникот, Комисијата е должна да го разгледа Барањето и во рок од два дена да достави извештај до претседателот на Парламентот.

По добиениот извештај од Комисијата, Собранието најдоцна во рок од три дена треба да одлучува за барањето на судот на пленарна седница. Одлуката за одземање на имунитетот се носи со просто мнозинство од вкупниот број на пратеници.

Поранешниот претседател на Собранието и актуелен пратеник Трајко Вељаноски, заедно со Миле Јанакиески и Спиро Ристоски завчера беа приведени на распит по наредба на Јавното обвинителство под сомнение за вмешаност во настаните од 27 април 2017 година.

Вељановски се повика на пратеничкиот имунитет, додека на поранешните министри Јанакиески и Ристоски им беше одреден 30-дневен притвор.