УДАРНА ВЕСТ

Конкуренција на Ист Гејт? Чифлиганец почна да гради спроти трговскиот центар на 33.724м2

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Фирмата „Адора инженеринг“ на бизнисменот Ванчо Чифлиганец започна изградба на станбено-деловен објект на паркингот спроти трговскиот центар „Ист гејт“ во Скопје, откако Општина Центар издаде градежна дозвола на 27 септември, пишува СДК.МК.

Објектот, во согласност со Деталниот урбанистички план „Крњево 2“, може да има максимално приземје плус 18 ката, според новиот ревизиран ДУП усвоен во јули лани.

„На оваа парцела е предвиден објект со намена А2 односно домување во станбени згради со можност за компатибилни намени Б1-мали трговски единици, Б4-деловни простори и Б2-големи трговски единици максимум до 40 посто. Согласно параметрите од ДУП максималните дозволени вредности за бруто изградена површина се 33.724 метри квадратни, а дозволена катност во различни делови од објектот се П+7, П+1, П+18“, велат од Општина Центар.

За изградбата на објектот уплатени се комуналии од околу 4,5 милиони евра од кои 40 отсто или 1.8 милион евра на Општина Центар, а останати 60 отсто или 2,7 милиони евра на Град Скопје.

Ванчо Чифлиганец имаше поднесено барање за добивање градежна дозвола во јуни 2021, според стариот план кој дозволуваше дупло поголема површина за градба и формирање бетонски ѕид, но беше одбиен.

Како што соопштија од Општина Центар лани при носењето на новиот ДУП, проектирана е намалена површина за градба и разбиен е огромниот бетонски објект.

„Наместо ѕид без прекин на северната страна од 5 споени објекти, кој предвидуваше висина од 19 метри и должина од вкупно 151 метар, во новиот план вцртан е разбиен ѕид на 2 дела од 56 и 68 метри со простор меѓу нив, каде секој дел е составен од по 3 споени објекти. Стариот план предвидувал и ѕид без прекин на јужната и источната страна, со висина од 42 метри и должина 206 метри кој бил оформен од 1 објект и кој фрлал сенка на целата населба. Во новиот план целосно е ослободена јужната страна во делот каде големиот комплекс се доближуваше најмногу до другите објекти и од каде фрлаше најмногу сенка врз населбата, а развиената површина на објектот е намалена од 57.456 м2 на 33.724 метри квадратни. Севкупно, развиената површина на објектите за домување во ДУП-от Крњево 2 е намалена од 144.931 метри квадратни на 93.640 метри кавдартни односно за 35 отсто“, соопштија од Општин Ценатр при носењето на новиот ДУП.