Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски вечерва се обрати на изборната конвенција на Стево Пендаровски.
Ковачевски кажа дека Пендаровски застанал зад него и неговите политики во тешките моменти, и кога се прифаќал европскиот предлог.
„Не се откажуваме од храбрите одлуки со кои станавме членка на НАТО, не се откажавме ниту од преговорите на ЕУ, ниту во енергетската криза ниту во ковид кризата. Не се откажавме ниту од граѓаните, секогаш бевме на страната на граѓаните затоа што сме на страната на државата, и секогаш сме на вистинската страна. Кога беше време да се отворат преговорите со ЕУ во јули 2022 година, Стево и јас една жешка вечер многу доцна седевме заедно сами. Стево ми кажа: „Друже, знам дека целиот притисок и товар ќе биде врз тебе, и ќе мораш овој процес ќе мораш да го истуркаш сам, и ќе го истуркаш сам. И ќе поминуваш низ пекол. И затоа нема да те оставам сам, и ќе стојам до тебе. Ќе стојам со тебе и со пратениците, и затоа јас прв ќе излезам и ќе кажам дека Македонија ќе го прифати европскиот предлог, и ќе стане членка на ЕУ, и тоа го направи. Тоа е лидерство, и тоа е нашиот претседател Стево Пендаровски“, рече Ковачевски.
„И тогаш во тие тешки моменти тој ми даде најголема поддршка, и ми даде поттик со пратениците и министрите, во парламентот да ја кажам визијата за европска Македонија, и тоа ќе биде реалност“, кажа Ковачевски.