Ковачевски: Вработените во јавните обвинителства не се во надлежност на Владата, но таа ќе стори се што може

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Вработените во јавните обвинителства се дел од правосудната фела, и делот на управување не е во надлежност на Владата. Но, во рамки на она што е можно со Буџетот, Владата ќе излезе во пресрет на сите делови од управувањето со државата, со цел тие да имаат соодветни буџети, изјави премиерот Димитар Ковачевски во врска со барањата на вработените во јавните обвинителства за зголемување на платите, кои денеска стапија во штрајк.

– За распределувањето на буџетот, ако на некои обвинители им се зголемени платите, а на други не, тоа е одлука која се носи од правосудната власт, не се носи во делот на државата. Меѓутоа, 10 проценти зголемување на платите ќе има и дополнително 10.000 денари К-15, соопшти Ковачевски.

Тој најави дека во септември ќе следи ново покачување на пензиите од шест проценти, со што, како што рече, заедно со минатогодишното зголемување, пензиите ќе бидат вкупно покачени за 25 отсто, што, како што рече, никогаш не се случило досега. Премиерот најави и деветти пакет антикризни мерки, кој исклучиво ќе биде насочен за најранливите категории.

– Целта е да може секој на подобар начин да ја пречека зимата. Војната во Украина сè уште трае. Таа веќе не е на прво место во медиумите. Но негативните ефекти кои ги предизвикува и во економски и во енергетскиот сектор, се исто толку големи, како на првиот ден кога почна, вели Ковачевски.

Тој истакна дека го разбира револтот на секој граѓанин по кој било основа.

– Меѓутоа, треба да ги погледнеме фактите. Тие факти говорат дека откако оваа Влада е на функција, ние се соочуваме и со економска и со енергетска криза. Имаше и здравствена криза поради ковид-пандемијата. Но, успешно се справивме со сите предизвици. Успеавме да обезбедиме електрична енергија по цени кои се соодветни за нашите граѓани, исто и топлинска енергија. Државата од Буџетот ги субвенционираше и сè уште ги субвенционира цените на електрична енергија до 80 проценти од пазарните цени. И така ќе биде и во иднина. Истовремено растеа и платите. Ако ги погледнеме пензиите, тие се пораснати 40 отсто во однос на тоа колку беа пред оваа Влада да го преземе управувањето. Минималната плата од 8.000 денари, а во некои индустрии и 7.000, сега е порасната на 21.000, а следи и ново покачување. Просечната плата е 37.000 денари, рече Ковачевски.

Тој потенцира дека досега никогаш не се случило една минимална и една просечна плата да исполнуваат една потрошувачка кошничка и тоа во време на инфлација.

– Тоа првпат се случи оваа година. Затоа што, навистина се носеа мерки кои овозможуваа зголемување на платите. Така беше и при потпишувањето на Општиот Колективен договор со Сојузот на синдикати. На потпишувањето на Договорот му претходела долга анализа и низ социо-економски дијалог меѓу министерствата за финансии и труд и социјална политика, како и заменик-претседателот на Владата за економски прашања и неговиот Кабинет, и се анализираа приходите во Буџетот, продуктивноста и трошоците. И дојдовме до заеднички заклучок дека платите треба да се зголемат за 10 отсто во целиот јавен сектор. Кога зборуваме за целиот јавен сектор мислиме на 130.000 вработени, не само на 400-тини. И дополнително на сите да им биде исплатен К-15 од 10.000 денари до крајот на годината. Се разбира дека треба повеќе и може повеќе, истакна Ковачевски.