Ковачевски за Мицкоски: Ова е втор пат како се обидува да ме уценува, неговите себични политички амбиции мене не ме засегаат

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски денеска на својот Фејсбук профил истакна дека уцени не прифаќа.

„Ова е втор пат како Мицкоски се обидува да ме уценува, а добро знаеме како заврши првиот пат. Неговите себични политички амбиции мене не ме засегаат, туку интересот на граѓаните и државата. Како Влада имаме многу одговорна работа, а тоа е менаџирање на најголемата економска криза по Втората светска војна. Ниту се потребни средби за избори, ниту се потребни избори туку одговорно делување на сите политички партии. Потребно е функционално Собрание за носење закони и рационално трошење на буџетот во овие кризни времиња. Но, тоа Мицкоски очигледно не го интересира бидејќи никогаш не го интересирале граѓаните и нивните потреби, туку само неговата политичка кариера“, вели Ковачевски.

Тој додава дека „за среќа, они се одговорна партија и Влада која нема да дозволи ваквите желби на опозицијата да значат штета по граѓаните, несигурност, трошење на огромни буџетски средства и нови кризи“.

„Што се однесува до заканите за некаква радикализација, му порачувам уште еднаш дека како што не прифаќам уцени, уште помалку реагирам на закани. Деструктивноста е одлика и заштитен знак на Мицкоски и неговата партија, но тоа граѓаните го гледаат и препознаваат и таквите најави верувам дека силно ги осудуваат. Владата е стабилна и одговорно владее, а најавите на Мицкоски се одраз на немоќ и безидејност за конструктивност. Ако сакаше било што конструктивно да направи досега ВМРО-ДПМНЕ имаше можност да го направи. Наспроти тоа, тие произведуваат лажни вести, дигаат хистерија и партиски мобилизираат протести. ВМРО-ДПМНЕ прави се друго освен реална и конструктивна политичка работа“, додава Ковачевски.