Ковачевски за провокациите на Костадин Костадинов: „Тој и оној што правеше видеа за мене, не се пожелни во нашата држава“

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

„Јас ќе ви кажам уште еднаш – да, Бугарија и Македонија се две држави кои што треба да бидат една. Две држави се со еден народ, кој треба да биде од Црно Море до Охридското Езеро.“.

Ова е изјавата на пратеникот во бугарскиот парламент Костадин Костадинов која предизвика бурни реакции во македонската јавност. Реагираа институциите, но реагираше и премиерот Димитар Ковачевски.

Тој вели дека изјавите се дело на политичари кои што немаат друга политичка агенда, освен да ги нарушат односите помеѓу двете земји. Ковачевски ја осуди ваквата реторика, велејќи дека со провокација на чувствата на граѓаните сакаат да стигнат само до политички поени. Премиерот вели дека е недозволиво човек кој дојде во нашата држава како гостин, да се однесува на таков начин.

-Такви политичари, како тој вчера…Има уште еден кој што мене видеа ми прашеше, можам да кажам дека воопшто не се пожелни во нашата држава. Бидејќи освен ширење на немир и нетрпение помеѓу граѓаните на двете држави, само заради свој политички интерес, немаат никаква друга политичка агенда, освен да добиваат ситни политички поени на провокација на чуствата на нашите граѓани. Такви политичари воопшто не се пожелни во нашата држава и воопшто не треба да доаѓаат“, рече Ковачевски.

Инаку, во Скопје вчера беа отворени новите простории на Бугарскиот културно информативен центар. Имаше големо полициско обезбедување, самиот настан помина мирно, без сериозни инциденти и провокации. Сепак дамка на настанот фрли присуството на бугарскиот пратеник Костадин Костадинов од партијата Преродба, кој постојано провоцира со изјавите дека Македонија е втора бугарска држава и дека не постои македонски јазик.