Подготвен сум да ги слушнам аргументите на оние што предлагаат Украина да се откаже од делови од својата територија и народ во замена за мир, доколку тоа прво им го предложат на нивните влади, изјави денеска украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба при пристигнувањето на заседанието на Советот НАТО-Украина во седиштето на Алијансата во Брисел.
– Некако е секогаш лесно да се советува друг како да се повлече и да направи отстапки, прво тоа нека го сторат тие самите, порача Кулеба.
Во одговор на новинарско прашање околу најавите на Словачка и Украина за ускратување на помошта за Украина, Кулеба изјави дека политиката е политика и дека луѓето кажуваат секакви работи, но нагласи дека очекува работите „да се средат“.
Тој, како што јави дописникот на МИА од Брисел, изрази надеж дека САД ќе најдат решение за поддршка и на Украина и на Израел, што во сегашните околности, според него, е во најдобар интерес на американскиот народ.
– Најдобар начин да избегнете испраќање на свои војници во војна, е да им помогнете да други земји да се борат самите. Нагласувам уште еднаш, Украина никогаш не побарала американски трупи на терен, што е прашање на принцип и не прави многу поразлични од другите. Нашата понуда е многу чесна – дајте ни го тоа што ни треба и ние ќе се бориме. Не бараме да жртвувате ваши животи, додаде Кулеба.
Во изјава, пак, пред почетокот на заседанието на Советот НАТО-Украина, кое се одржува на ниво на шефови на дипломатии, Кулеба истакна дека победата на Украина против руската инвазија не е само во нејзин, туку и во интерес на целата евроатлантска заедница.
– Денеска првпат ќе седнеме да разговараме со министрите како еднакви партнери во рамки на Советот НАТО-Украина. Тоа претставува голема разлика во однос на досега, додаде Кулеба во придружба генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.