Културната програма почна со врева – Блерим Груби се чувствува навреден: Со 1000 евра не бива уметност

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Виолинистот Блерим Груби повеќе од две децении се занимава со класична музика. Последните две години како и годинава, сакаше да го реализира фестивалот Камерфест кој предвидуваше 8 концерти. За овој проект тој побарал 2 милиони денари од Министерството за култура но од таму доделиле околу 2 илјади евра. Според Груби, оваа сума е навредлива.

„Кога видовме дека доделената сума е смешна, ниту 2 илјади евра, се разочарав и бев, како да кажам, навреден во однос на поддршката од страна на Министерството за култура. Со средствата се предвидени 2 милиони денари, а издвоени се само 120 илјади денари“, истакна Блерим Груби, Виолинист .

Камерфест предвидува гости од надвор кои се докажани во класичната музика. Но Груби вели дека со средствата издвоени од Министерството за култура тој не може да реализира ниту еден концерт иако уметниците претходно прифатиле да дојдат и за скромна сума во Скопје.

„Нејзиниот хонорар е многу висок, но таа рече – колку имаат можност, јас ќе дојдам. Значи таа е многу позната флејтистка од конзерваториумот во Париз“, одговори Блерим Груби.

ТВ21: Значи, сите овие уметници претходно прифатиле да учествуваат?

„Секако, ние всушност правиме договор, да, со скромни пари бидејќи ова се уметници кои добиваат вртоглави суми, но тие го знаат нашиот стандард“, додаде тој.

Освен концертите, фестивалот требало да донесе и 6 мастер училници во Скопје и Тетово. Груби вели дека во овој случај,  неговите студенти нема да можат да учат од големи уметници.

„Јас предвидов кој уметник да дојде во Скопје, имав предвидено кој да држи мастер предавања на ТУ и во Скопје, студентите од Скопје и Тетово да имаат контакт со овие уметници кои се воедно и професори“, посочи Блерим Груби

Го прашавме Министерството за култура зошто толку средства се предвидени за концерт од овој формат, од таму ветија дека комисијата раководена од Јане Бакевски ќе ја разгледа одлуката за Камерфест. Изгледа дека на револтот на Груби, одговори Зекирија Ибрахими на Фејсбук, кој е сопартиец со министерот за култура Хиснии Исамили.

„Некој може да не ја сака Алтернатива, но резултатите не може да ги негира. И оваа година како и минатата, со Асаф Адеми, овој пат со др. Хисни Исмаили докажавме дека Албанците не се незначаен процент, бидејќи албанската култура во 2020 ќе има најмалку 40% институционална поддршка“, додаде Зекирија Ибрахими.

Но дали толку проценти отидоа за албанската култура не може да се дознае бидејќи Министерството нема објавено проекти за националните институции. Од Министерството велат дека тоа треба да го направат самите институции бидејќи така е предвидено со закон.

„Институциите се задолжени да ги објавуваат проектите на веб страниците и во медиумите. Оваа година, директорите на институциите, одлуките за проекти ги работеа заедно со комисиите во Министерството, каде врз основа на буџетот, одлучено е кои проекти се приоритет“, велат од Министерството за култура.

Според режисерот Ќендрим Ријани необјавувањето на проектите на институциите на Министерството, остава простор за сомнеж. 

„Прв пат се случува да не се објавени институционалните проекти и ова остава многу сомнеж во пристапот на Министерството за поддршка на албанската култура“, истакна Ќендрим Ријани, Режисер.

Двете минати изданија на Камерфест во Скопје  беа финансирани од амбасадите на Франција, Швајцарија и општина Чаир, а истиот фестивал но со други уметници веќе 20 години се реализира во Косово. Министерството за култура таму издвоило годишно по 10 илјади евра а дополнителни средства издвоиле и општина Приштина. Сличен е случајот и за концертот во Тирана, каде средствата до некаде ги покриваат потребите на фестивалот.