Лога го потпиша решението за неусогласеност на името на Здружението ,,Цар Борис III “ Охрид

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Министерот за правда Кренар Лога го потпиша решението за неусогласеност врз основа на добиеното негативно мислење од Комисијата за употреба на имиња на личности за употреба на името Цар Борис III во називот на  Здружението за афирмација на културните вредности на македонските бугари Цар Борис III Охрид.

Комисијата за употреба на имиња на личности смета дека евентуалното именување  на здружението со таков назив предизвикува тензии и  нетолеранција во целото македонско општество. Во образложението,Комисијата наведува дека тој е одговорен за злосторства извршени за време на бугарската окупација на Македонија во Втората светска војна, при што се ликвидирани стотици граѓани. Посебно е потенцирано мислењето дека неговата соработка и сојузништво со Третиот рахј и нагласената антисемитска политика се најдирекно одговорни и за депортацијата и екстерминацијата на илјадници Евреи од Македонија во логорот на смртта Треблинка.

Министерството за правда постапува согласно одредбите од Законот за здруженија и фондации притоа земајќи го предвид и мислењето на Комисијата за имиња на личности. Решението ќе се достави до централен регистар на Република Северна Македонија за понатамошно постапување.