Лога: Сите се на став за ветинг, но кој модел ќе биде прифатен се уште е рано да се каже

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Поддршка имаме и сите се на став за ветинг, но кој модел ќе биде прифатен се уште е рано да се каже, вели министерот за правда Кренар Лога.

На првиот брифинг со медиумите, Лога денеска посочи дека во Министерството за правда не нашол ниту една буква или документ за ветингот и нагласи дека стои на ставот дека мора да има ветинг, но и дека мора да се вклучи и меѓународната заедница.

  • Нема да почнам ветинг без ваква поддршка, рече Лога.

Во однос на споредбите со Албанија, Лога рече дека ситуацијата е иста и ние сме далеку подобри, посочувајќи дека во Албанија три четвртини од судиите сами се откажале.

  • Има извештај до Венецијанската комисија, каде има компаративна анализа во која како лош пример се посочуваат Србија, Хрватска и Украина, посочи Лога.

За тоа дали може да се очекува генерален реизбор на судии, Лога, рече дека не е време да каже ништо конкретно.

  • Што било да кажам е рано. Сите се за ветинг и додека сите се на тој став и јас сум сигурен дека ќе има ветинг, изјави Лога.

Во однос на судиите кои носеле одлуки или решенија, како тие што се посочени во извештајот на Стејт департментот, Лога рече дека за сите кадри кои свесно или несвесно носеле такви одлуки треба да има постапка или разрешување.

  • За дел веќе имаме пратено до Судскиот совет. Конкретно и за случајот со Сашо Мијалков за да не застари. Се друго, како коментар на пресуда или одлука ќе биде мое мешање, изјави Лога.

Лога, на брифингот со медиумите, посочи дека како министер очекува во својот мандат, од кој остана година и половина, да се надмине проблемот со недостигот на кадар, особено во Одделението за ревизија и за соработка со НАТО и ЕУ, како и да биде усвоена Стратегијата за 2023-2027 година, со акцент на ветингот, Законот за правична застапеност, Изборниот законик и Канцеларијата за поврат на имот.