Македонија ја совлада Ерменија во Ереван, првото место во групата е сѐ поблиску

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Македонската фудбалска репрезентација денеска триумфираше и во Ереван, и успешно го заврши циклусот октомвриски натпревари во Лигата на Нации. После победата над Летонија во Рига со 0-3, вечерва избраниците на Благоја Милевски славеа триумф со 0-2, и така се доближија до првото место во групата, и пласман во „Б“ сегментот во Лигата на Нации.

Македонија одигра неубедливо прво полувреме. Ерменците имаа повеќе од играта и од шансите, но Столе Димитриевски беше одличен на голот.

На стартот од вториот дел иста слика, Ерменците се обидуваа, Димитриевски не се даваше, а потоа следуваа и замени по кои Македонија „живна“ на теренот во Ереван, и дојде до победата.

Најпрво следуваше шанса за Барди од слободен удар, но не успеа, а потоа и предност со голот на Миовски. Прекрасен гол на македонскиот напаѓач во мрежата на Ерменија. Од 16 метри шутираше во горниот десен агол и така донесе предност во 72. минута.

Во 85. минута предност и од 0-2. По една одлична акција по левата страна меѓу Елмас и Алиоски, потоа додавање до Алими кој од прва го совлада ерменскиот голман и ја дуплираше предноста.

До крајот на мечот Димитриевски успеа да се одбрани, и на овој втор меч ја сочува мрежата „чиста“.