Македонија мета на хибридни напади – „Бугарија по руска проценка го активира ветото“

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека има многу хибридни напади за кои знаат од каде доаѓаат, но не можат да го утврдат и нарачателот.

„Имаше повеќе напади кои се случуваа и за време на пописот. Ние бевме постојано тука за да помогнеме на ДЗС преку нашиот оддел за Сајбер криминал, секако тука беа луѓето експерти од Телеком, компанијата која го работеше цел тој систем и се преземаа конкретни мерки за одбивање на овие напади. Така што не се случи ниту еден напад кој што направи проблем, можеше да уништи податоци итн“, истакна Оливер Спасовски.

Во однос на обидите за попречување на процесот со Бугари, Спасовски додава дека ќе завршат исто како тие пред членството на НАТО.

„Тоа се информации кои што говорат за одредени контакти, но важно е дека сигурно оној кој ги поттикнува тие информации не одат ниту во Софија ниту во Скопје, одат на некое друго место затоа што ова е нечиј друг интерес. Ние треба да се вратиме назад и да го гледаме нашиот интерес“, вели Оливер Спасовски.

Тихомир Безлов од Центарот за истражување – Софија посочи дека Бугарија по руска проценка го активирала ветото.

„Ако ме прашувате мене како Русија го остварува своето влијание во Бугарија во врска со Македонија, мислам дека механизмот е поразличен. Русија користи политички партии, формации да врши влијание врз и ако историски ја разгледаме ситуацијата на ваков начин. Да се потсетиме дека до пред еден месец до започнување на преговорите со Европската Унија се чинеше дека Русија нема став дали Македонија може да биде член на Европската Унија. Еден месец пред започнување на преговорите како од ведро небо се појави ставот на партијата ВМРО дека Бугарија мора да стави вето“, посочи Тихомир Безлов.

Во емисијата се вклучи и професорот Никола Дујовски кој посочи дека македонското општество не смее да го следи патот на српското општество кое пак е врзано со руското.

„Веројатно замореноста на нашето општество од предолгиот пат на Европските интеграции нема друга реално оправдана причина зошто ние до толку не сме свесни дека нашите партнери се на запад, а не на исток“, вели Никола Дујоски.

Лидерот на еден од коалициските партнери во бугарската Влада, Има таков народ, Слави Трифонов, остро го нападна премиерот на Бугарија, Кирил Петков, дека се обидува да го заобиколи коалицискиот договор и да го тргне ветото за Северна Македонија и земјава да започне преговори со ЕУ до крајот на јуни годинава.