Македонија надвор од ковид помошта од ЕУ? – „Нон-пејпер има, но никој не го потврдува“

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Екс преемиерка на Хрватска, Јадранка Косор, за ТВ21 го коментираше „нон-пејперот“ за Балканот, во кој има прекројување на границите на државите од поранешна Југославија.

„Ако е тоа точно и ако тоа е навистина така, тогаш тоа е скандалозно од повеќе причини и повеќе нивоа. Би рекла ако тоа е така и ако доаѓа од земја членка на Европската Унија, а Словенија е членка на Европската Унија, а Јанша е премиер на земја која е член на Европската Унија, тогаш е тоа всушност запрепастувачки“, истакна Јадранка Косор – екс премиер на Хрватска.

Срџан Дармановиќ, екс министерот за надворешни работи на Црна Гора, вели дека нон-пејпер постои, на некој начин истиот е потврден и од Брисел, но никој не го демантира.

„Знаете како, очигледно е дека тој документ постои, не само што не е демантиран туку на некој начин е и потврден од Брисел. Впрочем никој не сака да се потпише или да се прогласи како автор на таа идеја, меѓутоа потполно е јасно дека национализмот на Балканот никогаш не престана да постои, туку со порастот на десниот популизам во одредени држави и се зајакна“, посочи Срџан Дармановиќ – екс мнр Црна Гора.

Уредникот на РТСловенија, Вања Вардијан вели дека нон-пејперот е ТОП вест во Словенија, но на вчерашниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ истиот не бил на дневен ред

“После седум дена во Словенија е сеуште актуелна приказната за таканаречениот нон-пејпр, владата на Јанез Јанша се обидува некако тоа да го заташка, но никако не и успева. Еве денеска се јави министерот за надворешни работи Логар, кој рече дека на денешниот виртуелен состанок на министрите за надворешни работи на Европската Унија не станало збор за нон-пејперот“, рече Вања Вардија – Уредник на РТС Словенија.

Дописникот на РТС од Брисел, Душан Гајиќ вели дека нон пејперот ќе го врати фокусот кон Западен Балкан, и тоа би можело да биде единствена добра работа во целата оваа ситуација.

„Она што би можело да биде добра работа во целата оваа дебата која настана после појавувањето ана нон-пејперот е да се врати фокусот на Западен Балкан, да се покаже колку брзо може работите да отидат во некоја погрешна насока и да се развие некој вид на негативна динамика во регионот“, изјави Душан Гајиќ – дописник за РТС од Брисел.

Словенија идната година ќе претседава со Европската Унија, но уредникот на РТС Словенија вели дека Македонија нема да биде опфатена во ковид помошта која ќе изнесува 10 милијарди евра. Додава дека претседателството со ЕУ, Јанша ќе го искористи за самопромоција.