Маричиќ: Голем ден за правната држава и владеењето на правото

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Ова е голем ден за правната држава и за владеењето на правото, вака министерот за правда Бојан Маричиќ го оцени денешното донесување пресуда за слуачјот „Таргет-Тврдина“.

Според Маричиќ, по шест години и многу опструкции, случајот денеска доби судска развршница. Тоа е важно и за државата и за општеството. Владата создаде законски услови и политичка клима судот да одлучува слободно и врз основа на докази.

Како што рече Маричиќ во гостувањето на ТВ Сител, ако некој пред една година се прашуваше зошто беше важно да се донесе Законот за јавно обвнителство, денеска доби одговор.

-„Таргет-Тврдина“ е мајка на сите случаи на СЈО, но треба да се потсетиме како почна оваа приказна. Пред шест години беа објавени прислушуваните разговори, па следуваа политичката криза, Шарената револуција, создавањето на СЈО, истакна Маричиќ, додавајќи дека патот за разрешувањето на случаите се отворил уште со носењето на законите во 2019 година.

Според него, Јавното обвинителство треба да и соопшти на јавноста каде потфрлил системот во врска со „бегството“ на Мијалков. Маричиќ, лично, како што рече, не чувствува одговорност.

-Слушнав дека Јовевски наредил отворање истрага за случајот бегство на Мијалков, назначил јавен обвинител кој треба да ги испита сите околности. Мислам дека редот е Јавното обвинителство со сите свои сили, инструменти и достапни информации да креира слика и да и ја соопшти на јавноста. Министерот Спасовски претпоставуваме знае како оделе работите во оперативниот дел на МВР, но ако го тераме институционално, местото е ЈО и добро е тоа да си ја заврши оваа работа заради јавноста, но и заради системот, за да утврдиме каде се слабостите и за да не ни се повторуваат ваквите ситуации, нагласи Маричиќ.

Во својот неколкумесечен мандат, дополни, максимално ги реализирам своите обврски поради што не гледам во ниту една точка причина за некаква негова одговорност.

-Работата на Министерството за правда е да помага во регулација на законите, да им помага на судовите да добиваат повеќе ресурси од државата и секако, да креира политичка клима за правично судење и независно судство. Мислам дека во овој мој неколкумесечен мандат тоа максимално го правам. Предусловите се тука, судството треба да дејствува преку своите механизми. Јас не гледам во ниту една точка причина за моја одговорност, а секогаш сум подготвен, а и опозицијата има поднесено интерпелација, па ќе имаме прилика да разговараме во Собранието, во секое време, а и вчера имаше пратенички прашање за да утврдиме каде точно јас како министер би требало да сносам одговорност, рече Маричиќ.