Маричиќ на средба со Могерини на „Колеџот на Европа“

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, денеска во Бриж ќе одржи предавање на „Колеџот на Европа“, една од најистакнатите и најстарите академски институции од областа на европските студии.

Пред студентите и младите дипломати од „Европската дипломатска академија“, основана од Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија, Маричиќ, ќе се обрати на тема: „Процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан, со фокус на евроинтеграциите на Северна Македонија“.

Во рамките на посетата на кампусот Бриж на „Колеџот на Европа“, Маричиќ ќе оствари средба со поранешната висока претставничка на Европската унија за надворешна и безбедносна политика, а сега ректор на „Колеџот на Европа“ Федерика Могерини.

На средбата е планирано да разговараат за активирање на соработката со „Колеџот на Европа“ со Секретаријатот за европски прашања, за јакнење на административните и институционалните капацитети, преговарачките структури и корпусот на знаење во однос на процесот на европска интеграција и идното придружување во ЕУ.

Посетата на Маричиќ на „Колеџот на Европа“ е во рамки на неговиот престој во Белгија, по повод одржувањето на билатералниот скрининг за Поглавје 24, „Право, слобода, правда“.