Адвокатот на екс министерот Крешник Бектеши, Еленко Миланов денеска во интервју за ТВ21 ги истакна причините поради кој му се одредило притвор на Бектеши.
Како што вели, да сакал да избега, веднаш тоа ќе го направел, но тој самиот се јавил во станица.
„Постои неспорен факт дека Бектеши врз основа на телефонски повик самиот се јави во полициска станица што значи дека доколку тој сакаше да бега, тоа можеше да го направи затоа што неговото име, во тој момент, веќе се вртеше како поранешен министер за економија и можеше да има сомнеж. Не ни помисли, отиде во станица“, вели Миланов.
За втората причина, влијание врз сведоци и вештаци, Бектеши не би можел да влијае бидејќи никогаш не бил во овој град.
„Второто е да се влијае на сведоци или вештаци кои што се инволвирани или запознаени со настанот. Во вчерашната вечер го прашав Бектеши дали тој во неговиот живот воопшто некогаш бил во градот Кочани, на што добив негативен одговор, па како тој може да влијае на било кој, кој што би можел да биде сведок на овој настан и ова што се случувало“, вели Миланов.
Миланов додава дека не би сакал да коментира ако Обвинителството определило вештаци на кои не им верува и смета дека можно е да има влијание врз нив.
