Милевски: Против Летонија без калкулации и без штедење

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Македонија утре со почеток во 18 часот на Националната Арена „Тодор Проески“ ќе го има тестот со Летонија, пред најважниот меч во квалификациите и дуелот против Велс во Кардиф во вторник.

Македонскиот селектор Благоја Милевски, најави дека нема да ги штеди силите, но и дека ќе проба некои варијанти пред последниот меч во квалификациската група, кој ќе одлучува за баражот за пласман на Мундијалот идната година.

„Нема потреба да било што калкулираме или се штедиме, затоа што имаме после пет дена одмор до мечот со Велс. Секогаш кога игра Македонија нема простор за калкулирање. Сите кои ќе бидат во тимот, ќе се стават во функција на тимот и ќе бидат на максимум и ќе се обидеме да извлечеме што е можно повеќе и на физички и на тактички план, и да пробаме некои работи кои сакам да ги видам, посебно за пристапот, трка и на физички план како стоиме, и тоа ќе биде примарна цел. Секако дека резултатот е примарна цел, но има и други работи кои сакам да ги видам на кое ниво сме и до каде сме“, изјави Милевски.

Фудбалерот Дарко Чурлинов рече дека кога се игра за репрезентацијата, не постојат пријателски натпревари.

„Кога се игра за Македонија, не постои пријателски меч. Секој натпревар за Македонија резултатот е приоритет. Атмосферата е одлична, имаме шанса за пласман на Светско првенство. Се надевам дека ќе го дадеме максимумот на следните два натпревари, и ќе го придонесеме тоа на терен кое го имаме договорено. Важно е да влеземе на следниот меч како што треба. Победа ќе биде мотив плус за нас пред мечот со Велс, и подобро се чувствуваме секогаш кога победуваме“, рече Чурлинов.