Мицкоски: Не прифаќаме диктати за ЕУ – Филипче: За 100 дена Мицкоски ја закопа европската иднина на државата

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски придружуван од целиот владин кабинет, во извештајот за сработеното од изминатите 100 дена Влада на почетокот се пожали дека се соочиле со големи тешкотии поради работењето на претходниот владин кабинет, но имаше многу пофали зборови за она што досега го сработеле. Рече дека имале и одредени пропусти, но токму во овој дел не го спомна назадувањето на евроинтеграциските процеси. Порача дека стратешки приоритети се националните интереси и членството во Европската унија, но не кажа како ќе го води процесот на интегрирање.

„Денеска во очите на многу од земјите членки во очите на луѓето кои што ете сега таква е приликата го завршуваат својот мандат во рамките на Европската комисија или Европскиот совет ние сме тие кои што апсолутно имаат аргументи а тие се тие кои што за жал немаат аргументи. Не е аргумент тие се таму вие сте надвор, ако сакате морате да прифатите што сакаат тие. Тоа е диктат. Јас диктати не прифаќам во животот. И тука нема цена“, изјави Мицкоски.

Но што е со изјавата на вицепремиерот Изет Меџити кој вчера во Клик плус на ТВ21 рече дека уставните измени ќе се случат до крајот на годинава. Како за потсетување коалицијата ВРЕДИ влезе во Владата со барање уставните измените да има во рок од 6 месеци. Мицкоски со став дека во Владата можно е да нема согласност.

„Се договараме, работиме заедно, можам да кажам и да го повторам тоа што го кажав на оваа прес конференција, секогаш и во едно семејство, може да се случи на моменти да имате различно мислење, но на крајот е важно дека заедно ќе излезете од таа различност. Но, секогаш излегуваме како партнери и секогаш излегуваме со заеднички јазик. Така што приоритет на оваа Влада е борбата со корупцијата, приоритет на оваа Влада е економски развој на државата“, рече Мицкоски.

На прес конференцијата на премиерот Христијан Мицкоски за стоте дена Влада реагираа од СДСМ нарекувајќи ги сто дена Влада сто дена изговори. Претседателот на партијата Венко Филипче рече дека иако се ветуваше многу, досега не исполнија ништо, освен партизација и постојани скандали, а единствено што направија е што ја закопаа европската иднина за државата.

„За прв пат по седум години платите почнаа да паѓаат и просечната плата падна за цели илјада денари. Нема покачување на минималната плата. ВМРО-ДПМНЕ за 100 дена ја закопа европската иднина на државата и не остави на дното на Балканот. Ниту понуди јасен пат како напред, ниту понуди алтернатива. Мицкоски одлучи еднострано да ги прекине преговорите со Унијата како државата да е негова своина“, вели Филипче.

Со посебен настан коалицијата ВРЕДИ вчера ги одбележа стоте дена Влада. Лидерите на оваа коалиција потенцираа дека остануваат цврсто посветени на изградба на посветла иднина на Албанците во земјава.