Мицкоски: Нема да дозволам ВМРО-ДПМНЕ да стане СДСМ, од новата Влада сакам работа и резултати уште од првата минута

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и иден премиер Христијан Мицкоски, за време на прославата 34 години ВМРО-ДПМНЕ, одржа говор на кој кажа дека никогаш нема да дозволи партијата да стане СДСМ, а коалицискиот партнер ВЛЕН да биде тоа што бил некогаш ДУИ.

„Тие кои коленичеа во Речица, сега ни велат дека сме ја дале власта. Ние ниту даваме, ниту земаме. Се додека албанските и било кои други коалициски партнери работат по закон, ќе бидат еднакви. Ако било кој застрани со криминални агенди, па дури и да е дел од ВМРО-ДПМНЕ, ќе биде повикан на одговорност. Нема да дозволам ВМРО-ДПМНЕ да стане тоа што беше, и е СДСМ. Ниту ќе дозволам ВРЕДИ да стане тоа што беше ДУИ. Има работа, но и одговорност, и тука не треба да има дилеми“, изјави Мицкоски.

Потоа се осврна на ситуацијата во СДСМ, каде што и посака да биде успешна опозиција, но и кажа дека ќе подаде рака за иднината на татковината.

„Состојбата во СДСМ е очајна. Партијата е на колена, но јас нема да им се мешам. Нема да правам некакви тајни и скриени коалици под маса како што го правеа тие. Јас само ќе им подадам рака да застанат на здрави нозе, а потоа да разговараме за иднината на татковината“, рече Мицкоски.

Имаше порака и до новите функционери.

„Засукајте ги ракавите, не чека работа, Македонија треба да ја менуваме кон подобро. Преку крупни и силни политики да ја покажеме дека Македонија е на народот. Нема тајни формули, рецептот за успех е работа, никој тука не треба да има дилеми. Не ја прифаќам тезата дека еден може да застрани. При таква ситуација силно ќе ме разочарате, а уште повеќе ќе го разочарате народот кој ни даде историска шанса. Немаме никакви 100 дена, ниту 100 минути. Јас не верувам во такви оправдувања, мора напорна работа од првата минута и резултати“, кажа Мицкоски.