Во Владата денеска се одржала работна средба посветена на реформската агенда, со фокус на јакнење на институционалните капацитети, владеењето на правото и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
Информацијата ја соопшти премиерот Христијан Мицкоски преку објава на својот фејсбук-профил, нагласувајќи дека реформскиот процес не смее да остане на ниво на формална заложба, туку претставува суштинска обврска што бара континуирана работа и отчетност.
„Тоа е пат кој бара јасна стратегија и посветеност кон долгорочни цели. Остануваме фокусирани на спроведување практични и одржливи политики што носат вистински резултати“, напиша Мицкоски.
Според најавите, реформската агенда ќе биде насочена кон конкретни мерки што треба да ја зголемат ефикасноста на институциите, да го зацврстат правниот систем и да придонесат за подобрување на секојдневниот живот на граѓаните, преку политики со мерливи и одржливи ефекти.
