Мицкоски со повик за „спас на иднината на државата“ Ковачевски му одговара: Со блокада на Собранието нема дијалог

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Избори нема да има, ниту средба со Мицкоски на оваа тема. На овој начин премиерот Димитар Ковачевски одговори на повикот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за дијалог и лидерска средба.


-Во однос на средба која што се однесува за предвремени избори, кажавме и како политичка партија, меѓутоа и коалиционите партнери во самата коалиција кажаа дека таква средба не треба да се одржи, рече Ковачевски.

Што се однесува до повикот на Мицкоски за дијалог, Ковевски вели дека најдоброто место за такво нешто е Собранието, но таму има блокада.

„Ние гледаме во моментов што се случува во Собранието. Таму има класичен бојкот на Собранието и класична блокада во која што не се овозможува низ една парламентарна дебата да се разговара за унапредување на законски решенија“, вели Ковачевски.

Лидерот на опозицијата Мицкоски вчера порача дека очекува Ковачевски, како што вели, да се вразуми и да разбере дека тој не му е непријател, туку само политички опонент. Го повика премиерот да седнат на маса и да разговараат за најважните прашања, за како што вели спас на иднината на Македонија, бидејќи само ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ можат да ја спасат државата. Без да спомува имиња на функционери и партии, Мицоски вели дека останатите политички субјекти му забиваат нож во грб на Ковачевски.

Инаку, блокадата од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието продолжува. Тие учествуваат и присуствуваат на седниците, но со транспаренти, процедурални барања и долги говори се обидуваат да спречат носење на закони, за кои велат дека се штетни за државата. Европската комисија вчера преку портпаролката Ана Писонеро повика на конструктивност од партиите во македонското Собрание.