„Мора и Филипче нешто да каже“ – Мицкоски со одговор на барањето за затворена собраниска седница за ЕУ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Нема конкретен одговор од премиерот Мицкоски на барањето на претседателот на опозициската СДСМ Венко Филипче за одржување затворена собраниска седница на која ќе се дискутира за натамошните планови на Владата како ќе ги продолжи евроинтеграциските интеграции. Мицкоски на ова барање само кратко одговори.

„Мора и Венко Филипче нешто да каже. Сега, тој одбрал тоа да го каже. Во ред, еве ќе го анализираме овој предлог на господинот и брзо од денеска ќе дадеме конкретна позиција поврзана со овој негов предлог“, вели Христијан Мицкоски.

За предлогот на Филипче Блерим Беџети од Европскиот фронт рече дека европскиот процес треба да се врати во правилен пат.

„Ние го чекаме 15 октомври кога пристигнува Извештајот и ако се вистинити тие информации што веќе во јавноста ги има дека Република Албанија се одвојува, ова е уште еден предоволен аргумент дека не дека не се движиме по правилен пат туку доста е згрешен овој пат од страна на оваа нелегитимна Влада“, додава Блерим Беџети.

Инаку, вчера претседателот на СДСМ Венко Филипче на Клик плус на ТВ21 го повика премиерот Мицкоски на затворена собраниска седница да се расправа за плановите и понатамошните чекори како да се продолжи евроинтегративниот процес. Мицкоски еднострано ги прекина преговорите со Европската унија за што нема ниту морално ниту политичко право тоа да го прави, изјави Филипче. Тој упати повик до премиерот Мицкоски.

„Го повикувам да свикаме собраниска седница. Доколку има сензитивни дипломатски информации таа собраниска седница може да биде и затворена. Меѓутоа, ВМРО-ДПМНЕ и целокупното владино мнозинство има обврска да каже како по тој пат понатаму“, вели Венко Филипче.

Филипче говореше и за понудата на унгарскиот премиер Виктор Орбан како земја претседавач со Унијата да помогне во решавање на спорот со Бугарија, но ова барање експресно беше одбиено од официјална Софија.

„Очигледно е дека нивниот нов стратешки партнер Унгарија кажа дека не може да се меша и не може да помогне повеќе. Од една страна премиерот Орбан и Унгарија нудат помош од друга страна, само неколку часа пред премиерот Орбан да ја даде таа изјава дека нуди некаква помош и го поддржува нашиот пат во евроинтегративниот процес неговиот амбасадор во Министерскиот совет на Европа гласа за одвојување на Македонија од Албанија“, порача Филипче.

Иако деновиве лидерите на коалицискиот партнер во Владата ВРЕДИ тврдат дека уставните измени ќе се случат до крајот на годинава, Мицкоски во исто време со став дека тие нема да бидат донесени се додека не се прифати неговиот услов за одложено дејство.