Москва го прошири списокот на претставници на ЕУ на кои им забранува влез во Русија, како одговор на новиот пакет на ЕУ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Москва како одговор на 13-тиот пакет санкции што денеска ги воведе Европската унија, го прошири списокот на официјални претставници и политичари на ЕУ на кои им забранува влез во Русија, соопшти Министерството за надворешни работи.

Списокот на лицата на кои им е забранет влез во Русија е проширен и се вклучени одговорните за обезбедување воена помош за Украина и лицата „вмешани во прогонот на руските функционери“ и оние кои се залагаа за конфискација на рускиот државен имот веќе блокиран со западните санкции, пренесуваат руските медиуми. 

Земјите од ЕУ завчера го одобрија 13-тиот пакет санкции кон Русија против околу 200 правни и физички лица обвинети дека и помагале на Москва во набавката на оружје или дека биле вмешани во нелегална депортација и воена индоктринација на украински деца, што Москва го негира.

Руското Министерство соопшти дека „Русија, реагирајќи на овие непријателски акции, значително го прошири списокот на претставници на европските институции и земјите-членки на ЕУ на кои им е забранет влез на територијата на земјата“.