МТСП: Згрижувачко-воспитната дејност во предучилишните установи непречено се одвива и во време на штрајк

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Министерството за труд и социјална политика, ја известува јавноста дека утрово започна најавениот штрајк во јавните предучилишни установи за деца- детски градинки.

Од вкупно 75 Јавни установи за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст, штрајкот на дел од вработените се одвива во 54, а во 21 Јавна установа вработените воопшто не се приклучија кон штрајкот организиран од  СОНК.

Само во една односно во  ЈОУДГ „Детска Радост“, Гази Баба, Скопје, воопшто во текот на денот не се згрижуваа деца, а во  ЈОУДГ „Пролет“ Карпош,  се згрижуваа деца само во еден објект. Во сите останати предучилишни установи и покрај одржување на штрајкот на вработените во градинките,  непречено се одвива згрижувањето и воспитанието на децата.

Целокупната состојба на терен потврдува дека установите и вработените го почитуваат Законот за заштита на децата и ја обавуваат дејноста згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст и при остварувањето на правото на штрајк обезбедуваат непречено одвивање на дејноста.

Заштитата на децата и нивните права останува да биде  високо на агендата на приоритети на Министерството за труд и социјална политика.