Најавен е нов дожд во БиХ! Најмалку 18 загинати, спасувачите се уште трагаат по исчезнатите

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Три дена по поплавите кои опустошија неколку општини во Босна и Херцеговина, припадниците на Министерството за внатрешни работи на Херцеговско-неретванскиот кантон ги блокираа сите патишта кон Доња Јабланица и Мостар. Иако претходните денови беше дозволено поминување на новинарските екипи, денеска освен возила за итна помош, не може да помине никој.

Бројот на загинати се искачи на 18 откако во саботата беа пронајдени телата на уште две жртви.

Се трага по уште десет до 15 лица.

Шефот на ГСС Прењ Коњиќ, Алмир Каркеља, за Аваз потврдил дека неговата спасувачка екипа навлегла длабоко во Клис и дека операцијата за евакуација е во тек во Липовци и Коњиќ.

Шефот на Делегацијата на Европската Унија во Босна и Херцеговина, Луиџи Сорека, најави дека Европската унија е подготвена да и помогне на Босна и Херцеговина.

„ЕУ стои покрај БиХ. БиХ го активира механизмот за цивилна заштита на ЕУ. На местото на настанот пристигнуваат тимови за одговор. БиХ е полноправна членка на EUCPM од септември 2022 година. Тимовите на БиХ учествуваа во спасувачките мисии во Словенија и Турција“, напиша тој на X.

Одложени избори во погодените подрачја од поплавите

Во Босна и Херцеговина во 7 часот се отворени избирачките места каде граѓаните на таа земја имаат можност да изберат нови локални власти во градовите и општините и во областа Брчко.

На осми по ред локални избори од потпишувањето на Дејтонскиот договор, нешто повеќе од 3,4 милиони регистрирани гласачи треба да изберат 3.200 градски и општински советници и 143 градоначалници или шефови на општини, за кои се натпреваруваат повеќе од 29.000 кандидати, колку што се на различни изборни листи.

Но, нема сите да бидат избрани на гласањето што ќе се одржи во текот на денот бидејќи изборите беа целосно одложени во Јабланица, Коњиќ, Кисељак и Крешево, кои беа најтешко погодени од поројните поплави на почетокот на неделава, додека во Фојница изборите беа одложени на три избирачки места.

Централната изборна комисија (ЦИК) на БиХ последователно ќе одлучи кога таму ќе се гласа, а изборниот закон предвидува рок кој се движи од седум до 30 дена.

На овие локални избори учествуваат 110 политички партии, 58 коалиции и повеќе од стотина независни кандидати.

Во дел од избирачките места годинава ќе се тестира употребата на нови технолошки решенија кои треба да ги намалат злоупотребите при гласањето и утврдувањето на изборните резултати. Така на 165 од околу пет илјади избирачки места електронски ќе се проверува идентитетот на гласачите, а пополнетите ливчиња ќе се пребројуваат со скенирање.

Регуларноста на изборите ќе ја следат повеќе од 400 набљудувачи од странство.

Избирачките места остануваат отворени до 19 часот, а првите прелиминарни резултати се очекуваат во доцните вечерни часови.