НАТО одбележува 75-годишнина – каков беше патот на Македонија до членство во Алијансата?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

НАТО одбележува 75-годишнина од формирањето на Алијансата во 1949 година.

За таа цел од денеска до четврток ќе има Самит на НАТО во Вашингтон, а главни теми ќе бидат обезбедувањето сигурна и стабилна поддршка за Украина, плановите за одвраќање и одбрана на членките на Пактот, зајакнувањето на одбранбена индустрија и инвестициите и зацврстувањето на глобалните партнерства.

Но каков беше патот на Македонија до членство во Алијансата?

Земјава стана 30-та членка на НАТО на 27 март 2020 година, со што се оствари нејзината стратешка определбата за евро-атлантска интеграција утврдена во 1993 година, кога Собранието усвои Резолуција со која се дефинирани нејзините надворешно политички приоритети – членството во НАТО и во ЕУ.

На тој датум, во услови кога светот се соочуваше со пандемијата на Ковид-19, вршителката на должност македонски амбасадор во САД, Вилма Петковска на американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија, амбасадорот Филип Рикер во Вашингтон му го предаде оригиналниот документ на ратификација од Пристапниот протокол за членство.

Само три дена подоцна, на 30 март, македонското знаме беше кренато пред седиштето на НАТО во Брисел заедно со знамињата на останатите држави членки на Алијансата.

Патот кон НАТО започна на 15 ноември 1995 година, кога државава го потпиша Рамковниот документ за пристапување кон програмата Партнерство за мир. На 14 јуни следната година беше отворена Канцеларија за врски, а при крајот на 1997-та и Постојаната мисија во седиштето на НАТО во Брисел. Во април 1999 година на Самитот на НАТО во Вашингтон, земјата доби статус на кандидат за членство во Алијансата, по што се отпочна со подготовка и реализација на Акцискиот план за членство.

Во финалната Декларација од Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, Алијансата донесе одлука дека земјата ќе добие покана за членство по решавањето на спорот за името со Грција. Во рамки на декларациите на следните Самити на НАТО во Лисабон во 2010, Чикаго цо 2012, Кардиф во 2014 и Варшава во 2016-та, беше повторена формулацијата од Букурешт дека Алијансата ќе упати покана за членство во НАТО веднаш по постигнувањето на взаемно прифатливо решение за името со Грција во рамки на ОН.

На 27 март 2020 година Република Северна Македонија стана 30-та земја членка на НАТО, со што се реализираше една од најважни стратешки цели на државата, што беше зацртана со едногласна одлука

На Самитот на НАТО на 11 и 12 јули 2018 година во Брисел конечно беше донесена одлука земјата да добие покана да ги започне пристапните разговори за членство во Алијансата, по што на 1 август, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг упати писмо до министерот за надворешни работи заедно со План за спроведување на процесот на пристапување на земјата во НАТО.

На 18 и 19 октомври 2018 година на состанок одржан во седиштето на НАТО во Брисел успешно завршиja пристапните разговори за членство на земјата во Алијансата, по што на 21 јануари 2019 година, министерот за надворешни работи упати писмо до Столтенберг во кое беше изразена подготвеноста и способноста на државата да ги прифати и почитува обврските и заложбите за членство во НАТО, содржани во Вашингтонскиот договор и Студијата за проширување на НАТО од 1995 година, како и желбата за добивање на покана за пристапување кон Пактот.

На 6 февруари 2019 година во седиштето на НАТО во Брисел претставниците на 29-те тогашни земји членки го потпишаа Пристапниот протокол за членство на Република Северна Македонија во Алијансата, по што започна постапката за ратификација на Пристапниот протокол од страна на земјите членки, која беше финализирана на 19 март 2020 година, кога шпанскиот амбасадор во Вашингтон го предаде инструментот за ратификација на Вашингтонскиот договор, со што се заокружи третата и последна фаза од пристапниот процес.

На 11 февруари 2020 година, Собранието едногласно го ратификуваше Северноатлантскиот договор, по што на 20 март следеше и потпишување на Инструментот за ратификација на Пристапниот протокол за членство во НАТО од страна на претседателот на Републиката.

Конечно, на 27 март 2020 година тој Инструмент беше депониран во американскиот Стејт департментот со што Република Северна Македонија и официјално стана 30-та земја членка на Алијансата.

Изминативе години земјава се докажа како кредибилен партнер и сојузник во НАТО, како држава со меѓу најголемите придонеси за поддршка на Украина по глава на жител и со надминувањето на утврдениот праг за одвојување на средства за одбраната од два отсто, со тоа што за оваа година од Буџетот е предвидена сума од 2,22 проценти од БДП за одбранбени потреби.

Новите предизвици покажаа дека воената моќ не е доволна за да се обезбедат мир и стабилност и дека одржувањето на мирот е исто толку тешко како и неговото обезбедување. Затоа, со новиот стратешки концепт, договорен во 2010 година, Алијансата се обврза да се справува со „сите фази на кризата – пред, за време и потоа“, како сеопфатен принцип што подразбира поголема улога на кооперативната безбедност. Геополитичката нестабилност бара сложени лекови кои комбинираат воена моќ, дипломатија и постконфликтна стабилизација, а само најшироката можна коалиција на меѓународните актери може да ги обезбеди сите три елементи.

Руската илегална анексија на Крим во 2014 година и нејзината неоправдана и неиспровоцирана инвазија врз Украина ја докажаа важноста на основната задача на НАТО – колективната одбрана. Ова, заедно со сирискиот конфликт, подемот на тероризмот, мигрантската криза, етничките и верските судири, демографските притисоци и економските кризи и кибер нападите и ширењето дезинформации и пропаганда, создаваат нова сложено безбедносна средина, што одново ја става на тест флексибилноста на НАТО.

Од нејзиното основање во 1949 година, флексибилноста на Трансатлантската алијанса, вградена во нејзиниот првичен договор и овозможи да одговара на различните барања на различни времиња. Во 50-тите години, Алијансата беше чисто одбранбена организација, во 60-тите стана политички инструмент за детантот, а во последната деценија на минатиот век, НАТО беше алатка за стабилизација на Источна Европа и Централна Азија преку инкорпорирање на нови партнери и сојузници.

Во првата половина на 21 век, НАТО се соочува со се поголем број нови закани, па затоа како камен темелник на трансатлантскиот мир и слобода, Алијансата мора да биде подготвена да одговори на новите предизвици.

Новата дефиниција на поимот за „безбедност“ не вклучува само одбрана на сојузниците, туку таа радикално се прошири за да ја вклучи и слободата на поединецот од насилниот екстремизам што предизвикува нестабилност и со кој не успеваат да се справат одделни држави. Успешното одржување на мирот не подразбира само гарантирање на безбедноста, туку и давање значаен придонес за кохерентен меѓународен одговор на безбедносните предизвици.

Читајте повеќе ТУКА