Неделен извештај на ИЈЗ: Намалување на бројот на новозаразени и починати од Ковид-19 во земјава

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје во периодот од 12 до 18 април 2021, тестирани се вкупно 21.763 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намaлување од 20,4% во однос на минатата недела. Регистрирани сe 5.199 нови позитивни случаи од 35 градови во државата со намалување од 24,3% во однос на минатата недела.

Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=2.086; 40,1%), со неделна инциденца – 337,7/100.000. Највисока неделна инциденца од 397,4/100.000 е регистрирана во Битола

Процентот на позитивност се движи од 15,3 до 27,9%, просечно 22,6 %.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (n=1.722, 33,1%). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 50-59 (n=919; 17,7%), 40-49 (n=882; 17,0%), 30-39 (n=835; 16,1%) и 20-29 (n=506; 9,7%). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (n=95; 1,8%) и 10-19 години (n=240; 4,6%). Се забележува намалување кај сите возрасни групи во споредба со минатата недела.

По добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, со статус „оздравени“ се стекнале 5.921 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, со намалување од 3,1% во споредба со минатата недела.

Пријавени се 206 смртни случаи од 26 градови, 25,4% помалку во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 175 лицa биле над 60 години, 20 лица на возраст од 50-59 години, по 5 лица од возрасните групи од 40-49 и 30-39 години и еден од 20-29 години.

Во лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика при ИЈЗ се изврши секвенционирање на 48 селектирани SARS CoV-2 позитивни примероци. Истите беа одбрани од периодот 01-31.03.2021. Резултатите од секвенционирањето покажаа присуство на генотипот UK variant кај 98% од тестираните пациенти.

Дополнително, направено е скринирање за присуство на варијанти од посебно внимание на 200 пациенти кој детектира 5 варијанти. Доминантен сој застапен со 100% меѓу тестираните примероци е т.н британска варијанта.

Заклучно со 18.04.2021, вкупно се вакцинирани 7.020 здравствени работници со прва доза (4.019 – Pfizer/Biontech и 3.001 – Sputnik V) и 6.750 (3.891-Pfizer/Biontech и 2.895- Sputnik V ) со втора доза на вакцина против КОВИД19. Од 31.03.2021 започна вакцинација на населението за лицата над 73 години и заклучно со 18.04.2021 вакцинирани се 13.575 лица. Од 05.04.2021 се започна масовна вакцинација во вакцинален пункт во салата „Борис Трајковски“, каде се вакцинирани вкупно 18.376 лица.