Нема нови заштитни мерки! – Благо зголемување на бројот на заразени, КЗБ апелира за почитување на мерките

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Имајќи предвид дека има благ пораст на случаите со коронавирус, Комисијата за заразни болести на денешниот состанок заклучи дека нема потреба од воведување нови мерки. Велат дека земјава е во фаза на широка трансмисија и подготвена со соодветни капацитети за одговор. 

„Во овие услови, Комисијата не препорачува воведување на нови рестриктивни мерки и апелира до граѓаните на совесно однесување и почитување на мерките кои се на сила, т.е. задолжително носење на заштитни маски во здравствените установи, аптеките, во јавниот превоз и во згрижувачките установи. Од особена важност е граѓаните кои имаат симптоми или се сомневаат дека се Ковид позитивни да се однесуваат одговорно и да ги заштитат луѓето околу себе, така што ќе избегнуваат близок контакт со други луѓе и престој во затворени простории без маски“, велат од Комисијата за заразни болести.

И граѓаните на став дека маските засега се доволни за заштита.

За разлика од Македонија, земјите од регионот почнаа да ги заоструваат заштитните мерки. Во Бугарија маските на затворено повторно станаа задолжителни. И во Црна Гота поради влошувањето на епидемиолошката состојба, воведено е задолжително носење маска. Здравствените власти во Грција пак, велат дека нивната намера е да не постојат мерки што би биле задолжителни и дека сѐ ќе зависи од ситуацијата наесен, но тие сакаат Ковид-19, иако останува пандемија, да го третираат како ендемично заболување „каде што нема да има потреба од строги или задолжителни мерки“.

Фазиле Халили