Додека во Собрание седницата за недоверба на Владата беше започната, собранискиот спикер Талат Џафери беше во просториите на ТВ21 како гостин во емисијата Клик Плус. Тој само ја отвори седницата и потоа местото му го препушти на потпретседателот на Собранието, Фадиљ Зендели.
„Јас и претходно најавив дека доколку јас сум 61 пратеник, кој не ја поддржува недовербата на владата, нема да има мнозинство со 61, нема да има кворум. Ќе му дозволам на потпретседателот кој е потпишан на иницијативата“, посочи Талат Џафери.
Џафери во емисијата рече дека кога ќе заврши седницата во 12 часот, владата ќе остане активна.
„Во моментот кога ќе се затвори седницата вечерва, со констатирање дека е затворена седницата, се констатира дека не е изгласана недоверба на Владата. Оваа влада останува на активна должност“, вели Талат Џафери.
Џафери исто така додаде дека доколку пратеникот Кастриот Реџепи изрази волја, не се исклучува можноста тој да стане дел од актуелното мнозинство.
Н: Кастриот Реџепи може да биде дел од мнозинството?
Т.Џ.: „Не е исклучено“.
Н: Не се исклучува можноста, со постапка како оваа денеска , можноста е поголема или помала?
Т.Џ.: Не се исклучува, зошто треба да се исклучи, тоа е прашање на волја, доколку изрази волја да биде поддржувач на мнозинството не може да го исклучиш.
Нешто пред полноќ во Собранието беше констатирано дека иницијативата на опозицијата за гласање недоверба на Владата не помина. Затоа актуелната влада останува, додека за друга иницијатива треба да поминат 90 дена.
