Вчера слушнавте за златни артефакти откриени во Струшко, а денеска ве носиме во Преспа, за да пробаме да ги откриеме тајните на Преспанското езеро. Артефакти и стари живеалишта излегуваат на виделина по повлекувањето на водата од езерото. Пронајдоците за кои сведочеше и екипа на ТВ21 бараат внимание од институциите, а мештаните молат за спас на историското наследство. Колегата Ерол Шаќири беше во Преспа.
ТВ21: Добар ден драги гледачи се наоѓаме во село Наколец, во пределот на село Наколец, Преспанско езеро, со мене заедно се Даниел и Вергин, кои денеска ќе ни објаснат за некои нови откритија по повлекувањето на Преспанското езеро кое знаеме со години се повлекува. Излегуваат нови работи. Кои тајни ги крие преспанското езеро се уште треба да се истражи, затоа што досега не е дојдена ниту една институција за да истражи што точно е тука најдено.
„Јас шетам со мотор покрај езеро, сум љубител на природа и многу пати имам најдено нешто. Првото што го најдовме тука кај реката, тоа е наколно живеалиште кое излезе и пробавме да стапиме во контакт со музеите и пријавивме во музејот во Битола, дојдоа видоа, рекоа обележете, им реков да испитаат бидејќи ова е нешто старо, но вака така и ништо“, вели Даниел во разговор за ТВ21
ТВ21: Кога Даниел вие го откривте ова за прв пат?
„Некаде пред околу две години. Баравме и други телевизии никој не дојде. Не креваат телефон. И моравме сакавме да се спаси ова што е останато, бидејќи овде веќе некој има работено, во наводници…“, додава Даниел.
ТВ21: Гледаме дека од тоа што ни објаснивте за грнињата, дека се многу стари, илјадници години, ни кажавте дека тие сега се скршени фактички.
„Некој ги има скршено, некој мисли дека има нешто внатре. Тоа е старо, ние не се надеваме дека има нешто, злато на кажеме или богатства, бидејќи првото наколно живеалиште било горе…“, додава Даниел.
ТВ21: Затоа и вашиот повик до институциите да дојдат и реагираат…
„Да дојде некој и да го спаси ова, бидејќи ова е навистина…. овде имало девет метри вода, над ова. Значи над ова тло каде што сме сега имало девет метри вода“, додава Даниел.
ТВ21: Вергин вие работите и на книга, истражување за историјата на село Наколец и Преспанското езеро, според вашите истражувања од кога датираат овие пронајдоци?
„Значи по моето истражување по разни литератури книги итн. Во 2002 година на местото каде што се наоѓаме сега ние, професорката Битракова-Грозданова направила археолошко истражување и констатирала во таа локација живееле наколчани стари кои се преместиле неколку пати поради нивото на езерото, бидејќи Преспанското езеро е езеро кое нема стабилно ниво“, вели Вергин жител на село Наколец.
ТВ21: Значи повлекувањето и доаѓањето на езерото е еден историски циклус?
„Да, историски циклус. И поради тие причини на таа локација се најдени артефакти од различни времиња. Исто така можам да тврдам, според кажувањата на г-ѓа Битракова дека на таа локација се најдени и ковани монети од времето на кралот односно основачот на градот Драч, Дурахон и истите тие монети се најдени на таа локација и одредени други артефакти кои се значајни за оваа територија, односно за историјата на Преспа. Јас повикувам, апел до институциите, што побрзо да дојдат“, вели Вергин.
ТВ21: Екипа заедно со вас денеска, што пронајдовме, што излезе од езерото? Може ли Вергин да ни објасните според ваше мислење што е ова? За што се употребувало и од кога датира?
„Ова е најверојатно од времето на неолитот, вероватно се употребувало за мелење на жито или по мое мислење, тоа не значи дека тоа е така, пошто во овој локалитет најдовме доста грниња и ќупци, можеби е изработена глината на по фин начин за да се направат ќупови и грниња. А може да е и од некоја стара воденица, тука што ја имало, да се надоврзам со воденициве, во Наколец се зборува дека имало 7 воденици“, вели Вергин.
Екипите на ТВ21 ќе продолжат да се занимаваат со оваа сторија која ви ја прикажавме денеска. Воедно ја користиме и приликата, еден повик до институциите, посебно до министерството за култура да дојдат да пратат екипи на терен и навистина да проверат за што точно се говори. Нашите говорници ни ги кажаа нивните претпоставки, базирани на нивни приватни истражувања, беа споменати и професори и професорката која е член на МАНУ која работела на истражување во 2001. Ние можеме да се оградиме од нивните приватни мислења, но институциите мора да дојдат и да истражат за што точно се работи. Ако говориме за заштита на културното и историско наследство на државата, ова е вистинскиот момент за тоа.