Николоски: Треба да ја олесниме постапката за градба, ни фалат добри хотели, во заштитените подрачја е невозможно да се гради

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На државата и фалат добри хотели, но постојат бирократски пречки, особено во заштитените подрачја. Време е да ја поедноставиме постапката за нивна изградба. Ова го порача вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски на трибината „Автопат Е-75: Инфраструктурата како основа за развој на транзитниот туризам“.

„Во моментов сме во една ситуција каде што е навистина комплицирано да се гради. Урбанистичките планови се носат предолго. Да не зборувам во заштитените подрачја од типот на Охрид, на Битола старото јадро, на Крушево, Кратово, Старата скопска чаршија, кои што се заштитени, таму е практично невозможно.  Ние не можеме да зборуваме за туризам, а во главниот труистички центар да нема ниеден хотел со пет звезди и да нема пристојно место каде може човек да се смести. И да има ограничувања од не знам две, три или четири  висини, што никој не би инвестирал затоа што не може да има поврат на инвестицијата“, порача Александар Николоски.

Според Николоски, државата и јавноста треба да почне да размислува за стратегија за поедноставување на постапките за градба, како да се привлечат инвеститори за изградба на хотели, особено во заштитените подрачја.

„Затоа сакам да ја отворам оваа тема, треба мислам да ја размислува и јавноста. Од една страна да во ред е, треба да има заштита, но од друга страна доколку сакаме да се развиваме, повторувам во делот на изградба на хотели, не во дел на изградба на згради, не во делот на изградба на станови треба да ја олесниме процедурата, како би можеле повеќе инвеститори да инвестираат и како би можеле на тој начин да привлекуваме туристи“, вели Александар Николоски.

Николоски кажа дека Македонија е меѓу ретките држави со двоцифрен раст на туристи, а за само една година се воведени 21 нови директни авиолинии од европски метрополи. Го нагласи значењето на Коридор 10 како европски транспортен правец низ кој минуваат транзит туристи. Рече дека туристичкиот потенцијал на Македонија не е искористен ниту 10 % и  дека државата има шанса да стане центар на транзитниот и културниот туризам во регионот.