Николоски: Власта да ги испита наводите дека странски агентури се вмешани во провокациите кон Македонија

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски денеска на прес конференција истакна дека отсуството на државна стратегија не доведе до точка на студена војна со Бугарија.

„Згора на тоа Македонија има блокирани европски интеграции и e поставена во позиција се што Бугарија бара да биде потпишано и прифатено од страна на владата на СДСM. И не се само уставните измени во прашање, исто како што и договорот со Бугарија за добрососедство не беше првата и единствена работа што ја бараа Бугарите, туку само отворена пандорина кутија.

СДС и ДУИ туркаа агенда дека го затворила отворените прашања со Бугарија, а со тоа и дека се решени сите спорови. Не помина долго време, сите гаранции и фалби на владата на СДСМ и ДУИ паднаа во вода и добивме вето од Бугарија.

Изјавите на владата на СДСМ и ДУИ беа надградени од Стево Пендаровски, кој јавно излезе и кажа дека националната фигура број 1, националниот херој број 1 на Македонија, Гоце Делчев бил етнички Бугарин. Такво понижувања од претседател на држава дотогаш не беше слушнато. По изјавите на Пендаровски целата извршна власт беше едногласна со поданичкиот однос кон Бугарија, сите негации ги прифатија и ги туркаа на штета на Македонија, на штета на историската вистина и на штета на фактите.

И покрај сето веднење на кичмата, Македонија не престанува да биде понижувана и Македонците не престануваат да бидат понижувани.

Заклучокот од ова кратко навраќање на историјата на односите помеѓу Бугарија и Македонија им е јасен на сите. Поданичкиот однос не вродува со плод, државата е понижена и позициите се нарушени, позициите се на најниско можно ниво.Секој си го поставува прашањето што е длабоката позадина на поданичкиот однос на владата на СДСМ и на ДУИ. Тие молчат затоа што се до гуша во криминал и корупција. Тие не се чесни и во Македонија владее криминалот и корупцијата. Тоа е јасно констатирано од бројни меѓународни институции и немањето ефективна битка со организираниот криминал и корупција како и невоведувањето на функционален систем на владеење на правото е основната причина зошто се надеваат дека со поданички однос кон Бугарија ова ќе биде заборавено и ќе им биде простено.

Денес има целосно дезориентирана влада. Влада која нема одговорено соодветно на ниту една единствена провокација од Бугарија, влада која што молчи и влада која што поткленува на сите притисоци. Не се доволни оние неуверливи изјави дека ја согледале ситуацијата и знаеле дека ова било резултат на некакви си странски структури и служби. Ако е така тогаш нека кажат кои се тие странски структури и служби и што превземаат за да го санкционираат тоа. Зошто дури до 4ти февруари ќе се чека да се види дали и кој воопшто ќе биде прогласен за персона нон грата односно нема да му биде дозволено да влезе во Македонија и зошто се чека до 4ти февруари за да не се стави крај на овој негаторски однос и негаторски изјави од Бугарија.

И на крај, сите механизми се кај оваа влада и тие се тие кои што можат да дејствуваат.

Бараме неколку работи:

Првата работа, државата сериозно да ги преиспита наводите кои и самиот Пендаровски ги кажа дека здруженија, фондации, поединци и агентурни мрежи од странски држави се вмешани во креирањето на сите овие проблеми кои што се случуваат во државата и провокации со директно негирање на Македонија и македонскиот народ. И за истите да се излезе со детален извештај со кој што ќе биде информирана македонската јавност.

Второ, финаниските институции на власта да го проверат финансирањето на дел од овие здруженија и внесот на странски пари и многу битно потеклото на тие пати со кои што овие здруженија во државата тераат антимакедонска политика.

Трета работа која што ја бараме, државата, поточно владата на Ковачевски и Бујар Османи како премиер и министер за надворешни работи да се заинтересираат за делувањето, целта и постоењето на бугарско здружение во Корча, соседна Албанија каде што во целата област живее мнозинско македонско население. Зошто досега не се побарани одговори за ова нити од Еди Рама, нити од властите во Албанија на кои начин дозволуваат да се негира постоењето на македонското национално малцинство во Албанија кое што таму живее со векови.

Четврто, владата досега нема ниту една посериозна реакција во однос на било кое отворено негирање на македонската нација, историја и јазик. Затоа постојат македонски институции и тие мора да се спротистават на отворената кампања против Македонија.

Петто, бараме Македонската влада да побара доследно спроведување на пресудите добиени во судот за човекови права во Стразбур во насока на заштита и признавање на засебноста на Македонците во Бугарија, нивното право на здружување, нивното право на учество на избори, нивното право на образование на мајчин јазик како и нивното право на национално определување како Македонци. Должност е на Македонија да се грижи со сета сила и аргументи за правото на сите Македонци каде и да се наоѓаат“, додава Николоски.