Нов штрајк или повисоки плати? – До вторник ќе се знае епилогот од СОНК и МОН

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Нов штрајк или повисоки плати? Кој ќе биде епилогот од средбите меѓу Министерството за образование и наука и Синдикатот за образование и наука ќе се знае во вторник. Оптимизам за договор има од двете страни.

„Не се надевам, но мора да завршиме веќе идната недела каде јавноста ќе биде запознаена. Дали штрајкот ќе биде повторно активиран тоа сепак зависи од резултатите од преговорите и препораките кои ќе ги напише помирувачот, така што се е отворено“, посочи Јаким Неделков.

Дали ќе се изнајде решение за 18-процентно зголемување на платите на просветните работници како што бара Синдикатот, министерот рече дека ставовите се доближуваат и се разгледуваат сите можности за решение.

„Затоа од почеток побарав разбирање од СОНК и од наставниците. Ние имаме добра волја за изнаоѓање решение заради тоа што знаеме во која фаза бевме во процесот на донесување на буџет, во која фаза сме во подготовка на буџетот, во која фаза ќе сме во наредниот период после изнаоѓање на средствата на реализација на тој буџет. Мислам дека сме многу блиску за изнаоѓање решение за подобри услови“, посочи Јетон Шаќири.

Тринеделниот штрајк на СОНК беше ставен во мирување за да се даде шанса на дијалогот. Законот дава рок од 20 дена за помирување. Тој рок истекува в среда. Сите детели кои ќе бидат договорени на преговорите ќе одат на одлучување пред Советот на синдикатот кој ќе го каже последниот збор – дали штрајкот ќе заврши или наставата пак ќе прекине.

СОНК вчера одржаа средба и со министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, која соопшти дека вработените во градинките кои штрајкуваа, нема да земат целосни плати за април. Таа додаде дека се бара законско решение за неисплатените пари да им бидат дадени во наредните месеци.