Новата видео лотарија почнува со работа, Обвинителството ја истражува Државна лотарија

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Јавните обвинителства работат на неколку предмети, а сите оние кои имаат сознанија или докази за сторено кривично дело истите да ги достават. Вакат одговорија од Обвинителството на прашањата на ТВ21, по прес конференцијата на коалицијата „Влен“, кои прашуваат „Во чиј џеб завршиле 10 милиони евра“.

„Во јавните обвинителства се оформени неколку предмети поврзани со различни аспекти на работењето на Државна лотарија врз основа на доставени известувања и пријави од надлежни институции. Секој што има сознанија или докази за сторено кривично дело, има обврска таквите сознанија да ги пријави кај надлежните органи“, велат од ОЈО за ТВ21.

Од коалицијата „Влен“ бараат Обвинителството да истражи зошто иако пазарната цена на еден лотариски терминал е 3800 евра, истите се набавувале за 10000 евра.

„Во чии џебови ќе заврши разликата од речиси 10 милиони евра само од овој тендер? Или, дали вредноста на апаратите за казино е свесно и намерно напумпана за да се украде основниот капитал потребен за да се овозможи отворање на новата државна видео лотарија?“, прашува Беким Сали од ВЛЕН.

Во меѓувреме, новата државна видео лотарија – Ново ВЛТ која беше формирана лани од АД Државна лотарија и австрискиот гигант ХЛТ ќе започне со работа на повеќе од 40 локации.

„Сакаме да Ве информираме дека набавените видео лотариски терминали ќе бидат поставени согласно деловните потреби на НОВО ВЛТ, под истите услови кои важат за сите деловни соработници и на НОВО ВЛТ, и на Државна Лотарија и на Државна Видео Лотарија – Казинос Аустриа“, велат од ХЛТ Македонија.

АД Државна лотарија пред повеќе од година регистрираше уште една фирма во која косопственик е ХЛТ, која пак е фирма-ќерка на Новоматик.

Актуелната власт најави дека ќе го ревидира претходното формирање на нови компании за игри на среќа од страна на АД Државна лотарија.