Новинарите открија дека во Градскиот трговски центар во Скопје се „копаат“ криптовалути, а полицијата пак, не најде засходно да истражи дали се краде електрична енергија. По само неколку минути полициските службеници си заминаа од местото на настанот.
Овој објект му припаѓа на семејството на Габриел Бајрам, советник во Град Скопје. На снимките од подрумот на ГТЦ може да се забележи голема количина графички плочи кои произведуваат криптовалути.
Но, дали се оштетени бизнисмените на дуќаните во ГТЦ доколку имало кражба на струја?
Тие денеска изјавија дека во последно време плаќаат доста високи сметки. Мислеле дека тоа е резултат на поскапувањето на струјата, бидејќи немаат пристап до броилата за потрошена електрична енергија.
Се обидовме да стапиме во контакт и со директорот на ГТЦ , од кој ги побаравме последните сметки за струја, но не добивме повратен одговор.
Вчера пред медиумите, директорот Ѓоко Трајчевски рече дека ќе преземе мерки против лицето кои ги поставило машините за „копање“ криптовалути.
Синоќа откако новинарите го напуштија местото на настанот, некој отишол и ги повлекол сите машини. Не се знае како влегол внатре, имајќи предвид дека Трговскиот центар се затвора во 22 часот.
ТВ21 се обиде да контактира со претставници од МВР, но од таму не ни одговорија на прашањата: Зошто полицијата си заминала? Како утврдила дека нема кражба на струја во ГТЦ и зошто не го проверија местото, на кое, како што беше пријавено, се „ископуваат“ криптовалути?!
