Обезбедувањето се обиде да ги отстрани новинарите – сопствениците на дуќаните во ГТЦ бараат истрага за случајот со криптовалутите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ноќта кога во подрумот на ГТЦ во Скопје новинарите открија стотици машини за копање криптовалути, немаше обезбедување туку само новинари.  Денеска кога сопствениците на дуќаните се собраа за да разговараат за проблемот со високите сметки за струја, обезбедувањето на ГТЦ се обиде да ги отстрани новинарите.

„Со претходно барање за снимање, ова другото не може, таму внатре во дуќан ако сакате може, овде не“.

„Јас ги собрав, не се однесувајте како некој шериф, не се плашам , не се однесувај така со мене“.

По целата оваа тензична состојба, претставникот на дуќанџиите ја кажа причината за средбата и нивните барања. Бараат од институциите сериозно да се позанимаваат со случајот.

ТВ21  пред два дена побара одговор од МВР за тоа како полициските службеници констатирале дека овде не е крадена електрична енергија и зошто не се преземаат мерки за да се види што има внатре во магацините.

„Од причини што не е добиена пријава за кражба на електрична енергија од дистрибутерот на истата ниту од АД Градски Трговски Центар, како и од причини што во наведениот случај, ниту на лице место на настанот, ниту по обавените разговори со засегантите страни, не е утврдено постоење на кривично дело, како и од причини што дејствијата на копање на крипто валути не претставуваат дејствија кои се вбројуваат во кривични дела или прекршоци, не постои основ за преземање на дополнителни активности од страна на полицијата ниту постапување по член 282“, посочуваат од МВР

Пред три дена  полицијата влезе во подрумот на ГТЦ каде се сомневаше дека има машини за копање криптовалути  и е крадена електрична енергија. Потоа си замина, без да преземе нешто, а од МВР  велат дека освен што не е констатирана кражба на електрична енергија, “не се локализирани ниту компјутери за копање криптовалути“. Но кога новинарите отидоа во подрумот на ГТЦ, преку снимки известија дека стотици машини за копање криптовалути се сместени тука.