Обвинителката Крстевска откри разговор со сведок кој ги демантира тврдењата на Палевски за убиството на Панче

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Обвинителката Жаклина Крстевска на денешното судење во судница донесе испечатена комуникација меѓу Љупчо Палевски и сведокот Ерол Османи.

Обвинетиот Палевски тврди дека на 22.11.2023 му поправал котел за парно на Османи, во времето кога обвинителството тврди дека всушност го киднапирал и убил Панче заедно со обвинетите Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишев.

„Според оваа комуникација на месинџер, сведокот Ерол Османи му пишал на Палевски на 22.11.2023 година во 16 часот со фотографија на делот кој е расипан, тој не му одговорил. На 25-ти пак му пишал, дека го бара за греењето, Палевски не му одговорил. На 27.11.2023, околу 11 часот Ерол Османи му праќа порака: ‘Ќе идеш навака?’. Нема одговор, па во 15.55 часот пак нова порака му праќа: ‘Да купам нова електроника?’. На 27.11. ниту отишол кај сведокот Ерол Османи, ниту извршил некаква поправка”, кажа обвинителката.

Дури во 23.30 часот Палевски му вратил одговор. Дотогаш не отишол кај него, тврди таа.

Палевски реагираше зошто немало вештачење на чаурата од 9 мм од пиштол „зброевка” најдена крај трупот на убиениот 74-годишен Жежовски кај местото Рудник крај Велес.

Обвинителката донесе известување од МВР дека според истражувањето кај нив, чаурата има отисок од игла на „зброевка”, а не може да се вештачи зашто во базата на податоци нема други чаури од тоа оружје за компарација. Исто како да не е пукано претходно со него.

За разлика од Манев и Кешишев кои ги признаа монструозните кривични дела, Видевски исто како и Палевски, ги негираше.

Тој кажа дека на 22.11. бил на работа, а на 27.11. имал куќна слава.

Но, обвинителката донесе доказ од електронската евиденција на велешкото претпријатие кај што работи, според која Боре Видевски не бил на работа тие два дена.