Обвинителството побара притвор за Мијалков за „Трезор“, одбраната се противи

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Екс директорот на УБК Сашо Мијалков, денеска беше првостепено осуден за случајот „Трезор“ на вкупна казна затвор од осум години.

Обвинителството потоа побара изрекување на мерка притвор на Сашо Мијалков за овој случај, а укинување на притворот за „Таргет Тврдина“.

„Околноста дека Сашо Мијалков е исклучително моќен човек, се јавува потреба од мерка обезбедување на неговото приссутво, а со оглед на тоа што кон овој обвинет кон предметот „Таргет-Тврдина“ е определена мерка притвор од 26.02.2021 година, која мерка може да трае до прависолноста на оваа пресуда, односно најдоцна до 27.04.2021 година, предлагаме, по објавување на денешната пресуда, спрема обвинетиот Сашо Мијалков, а поради постоење опасност од бегство, да се определи мерката притвор во овој предмет, а определената мерка притвор во претходниот предмет „Таргет Тврдина“, да биде укината, и да биде известен кривичниот совет на овој суд. Причините за ваквиот предлог на ЈО е делумно идентичен по она што се произнесовме во предметот „Таргет Тврдина“, атоа е дека преку ЕУРОПОЛ се потврдени дека Мијалков има дозвола за престој во Прага во Чешка, но и дека поседува две возила кои се регистрирани на негово име. Судот треба да го цени фактот, кој и претходно беше изнесен, дека обвинетиот Сашо Мијалков е лице кое добро ситуирано, и дека тој и членовите на неговото семејство поседуваат приватни бизниси, што создава финансиска можност за организирање логистика и комотно живеење во бегство“, рече Трајче Пеливанов од ЈО.

Одбраната на Мијалков се противеше на овој предлог.

„Кој ќе ја сноси одговорноста, кога се предлага мерка притвор, кога за овој кривично правен предмет одбраната е цврсто убедена дека нема ниту еден релевантен доказ, кој оди во прилог на обвиниенето. Напротив, изнесените докази се на страната на одбраната, но тоа ќе го истакнеме во жалбата кон Апелација.

Јавниот обвинител изрече една реченица, во контекст на тврдењето дека Мијалков како моќен човек, и како сопственик, тој лично и неговата фамилија на поголем дел од бизниси во Република Македонија, им даваат ексклузивитет и комоција дека токму поради овие причини би можел да се даде во бегство. Одбраната тврди дека ваквата теза е погрешна, и оди во прилог на тврдењето дека некој, во конкретниот случај мојот клиент, кој има повеќе бизниси во државата, во никој случај нема да го направи тоа. Тоа е причина повеќе да остане во државата. И самиот суд во своето образложение го наведе како факт коректното држење и почитување на одлуките како во однос на мерките на претпазливоста до изрекување на пресудата, во однос на предметот „Таргет Тврдина“, па тоа ни дава со право да тврдиме дека не постои опасност од бегство. Ваквото барање е неосновано“, истакнаа од одбраната на Мијалков.