Од вечерва на полноќ престануваат да важат пасошите и возачките дозволи со старото име „Република Македонија“

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

На полноќ истекува преодниот период од пет години, односно одредбата од Договорот од Преспа, со која ќе престанат да важат патните исправи и документи за меѓународна употреба, што го содржат старото име на државата. Шефот на дипломатијата Бујар Османи во петокот на брифинг за медиуми кажа дека граѓаните кои што се затекнати во странство по 12 февруари, а се со стари патни исправи, ќе можат да се вратат во државава со патен лист, кој се издава во дипломатско-конзуларните претставништва.

Договорот од Преспа стапи во сила на 12 февруари 2019 година со што важноста на пасошите со старото име истекува пет години подоцна, односно на 12 февруари годинава.

Договорот од Преспа беше потпишан на 17 јуни 2018 година, а уставните измени за промена на името во Северна Македонија во Собранието беа изгласани на 11 јануари 2019 година. По излегувањето на измените во Службен весник во февруари 2019 година почнаа да течат петгодишните рокови согласно Договорот. 

МВР вчера соопшти дека од 13 февруари годинава важат само пасошите и возачките дозволи со новото име. Личните карти, ќе важат и по 13 февруари, и граѓаните ќе можат да ги користат непречено на територијата на нашата држава.

-Ги замолуваме граѓаните со стари патни исправи  воопшто да не се обидуваат да излезат од нашата држава затоа што тоа нема да биде возможно. Граѓаните со двојно државјанство ќе можат непречено да ги користат патните исправи од другата држава. Исто така, потенцираме дека било кој граѓанин на Република Северна Македонија кој ќе дојде на граничен премин за влез во нашата држава, ќе биде примен без оглед на тоа со каква патна исправа доаѓа. За излез, пак, од државата во земјите со кои имаме билатерални договори за патување со лична карта, граѓаните нема да бидат враќани од страна на нашите гранични полициски службеници доколку имаат лична карта со името Република Македонија, но не можеме да гарантираме дека ќе бидат примени од другите држави. Истото важи и за сообраќајните дозволи, како и за личните карти, стпо во соопштението од МВР.

Според техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски, ако има политичка волја за еден ден ќе се реши проблемот со личните документи. Решението, според Тошковски, е измени на два закона, за лични документи и за безбедност во сообраќајот.

–          Спремно ми е. Едниот Предлог на закон за измени на Закон за патни исправи на државјаните, еве го спремен е. Еве го другиот. Предлог на закон за изменување на Закон за безбедност во сообраќајот и патиштата. Еве ги спремни се, за еден ден. Решение има, само треба да имаат политичка волја, изјави вчеравечер Тошковски во интервју на телевизија Канал 5.

Претседателот на државата Стево Пендаровски по повод важноста на граѓански документи по 12 февруари 2024 година, вели дека е неприфатливо македонските граѓани кои се веќе изложени на сопствен трошок да менуваат документи, да бидат ставени во состојба на паника и страв дали ќе бидат казнувани при нивното учество во сообраќајот.