Османи на средба со претседателот на Долниот дом на италијанскиот парламент, Фико

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, денес оствари средба со претседателот на Долниот дом на италијанскиот парламент, Роберто Фико.

На средбата беше изразено задоволство од традиционалните пријателски односи меѓу двете држави, културните врски и блиската соработка низ различни нивоа на институционално партнерство.

Министерот Османи нагласи дека високо ја цени континуираната поддршка од официјален Рим за нашата земја, а особено улогата на италијанскиот Парламент, чија Комисија за надворешна политика минатата година донесе две резолуции со силна поддршка за евро-интегративните перспективи на земјите од Западен Балкан.

„Ме радува цврстата решеност на Италија, како гласен подржувач на нашиот евроинтегративен процес, да се заложи за итен почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со оглед на новите геополитички реалности во Европа“, подвлече министерот Османи.

Спикерот Роберто Фико го повтори ставот на Италијанската Република дека итното отпочнување преговори со нашата држава нужно ќе го зацврсти кредибилитетот на Европската Унија, а притоа ќе се упати недвосмислена порака дека иднината на Регионот е само европска.

Соговорниците разговараа за можностите од искористување на потенцијалот што го нуди парламентарната дипломатија, продлабочувањето на економските врски и мултилатералната соработка, а разменија мислења и за актуелната состојба во Украина.