Јужнокорејските обвинители тврдат дека поранешниот претседател Јун Сук Јеол осмислил таен план за провоцирање на Северна Кореја со испраќање беспилотни летала во срцето на Пјонгјанг.
Целта, велат тие, била да се испровоцира воен одговор од Ким Џонг Ун што би оправдал воведување вонредна состојба во земјата. Нови детали за наводниот заговор, кој му претходеше на неуспешниот обид за прогласување вонредна состојба во декември минатата година, се базираат на белешки пронајдени во телефонот на висок функционер за одбрана, објавува Си-Ен-Ен.
Обвинителите во понеделник објавија докази кои се чини дека ги потврдуваат претходните тврдења на Северна Кореја дека Јужна Кореја испратила беспилотни летала за да фрлаат летоци против режимот во октомври 2024 година. Меморандумите наводно откриваат планови на Јун и двајца високи одбранбени функционери да го провоцираат Ким доволно за да оправдаат шокантна воена наредба.
Новото обвинение дополнително ја комплицира правната ситуација на Јун, бидејќи тој веќе е на судење за бунт. Јун негира дека наредил летови со беспилотни летала за да ја провоцира Северна Кореја или се обидел да организира бунт.
Обвинувањата датираат од октомври минатата година, кога севернокорејските државни медиуми објавија повреди на воздушниот простор на Пјонгјанг. Корејската централна новинска агенција (KCNA) објави фотографии од дрон заглавен во дрво, како и снимки од авион за кој се тврди дека лета ниско над резиденцијата на севернокорејскиот лидер.
