Отворањето на џамиите не е поради инает, туку тоа е одлука на ИВЗ по направените анализи и дискуси, изјави во Клик Плус, скопскиот муфтија, Ќенан Исмаили.
Тој рече дека затварањето на џамиите не беше лесна одлука. За неа се разговарало и бил донесен заклучок дека врз верска основа било неопходно.
„Иако некои тоа го поврзуваат со инает, поради Црквата, но верувајте дека на нас како верници не ни личи да се занимаваме со инает бидејќи и самиот Господ на нас ни наредува логично да мислиме. Така не повикува Господ на Куран и ние по многу анализи и дискусии дојдовме до одлуката дека сега е право време да се направи првиот чекор“, истакна Ќенан Исмаили.
Заменик министерот за здравство, Арменд Арслани, вели дека во џамиите засега ќе се обавуваат две дневни молитви, секако поради полицискиот час кој се уште е на сила.
„Врз основа на тоа што институциите донеле неповиклива одлука, односно донеле и протокол кој ќе се почитува, верувам дека ќе имаме многу подобро соочување со ситуацијата. Но, да не заборавиме и нешто друго поради тоа што во џамија ќе се клањат само две намази бидејќи другите три се во време на полицискиот час“, посочи Арменд Арслани.
Верниците кои сакаат да се молат во џамија ќе мора строго да се придржуваат до правилата. Доколку некој чуствува некакви здравствени проблеми тогаш треба да седи дома.
