Во Скопје е отворен хуманитарен пункт за граѓаните на кои имотите им настрадаа од пожарите во источна Македонија.
Се собираат материјални добра како конзервирана храна, облека, патики, мебел, душеци и.т.н. Истите потоа ќе бидат однесени во 30-тина села на околу 400 домаќинства.
Хуманитарната акција ќе трае неколку дена, а граѓаните ќе можат да донираат и врати и прозорци.
Пунктот ќе биде кај трговскиот центар „Ист гејт мол“, во близина на комуналното претпријатие, а акцијата е во координација со Коалицијата предводена од „Хуманитарни акции.мк“, Конфедерација на Синдикалните организации на Македонија КСОМ и ИПО Интернационална Полициска Организација.
Организаторите велат дека се водела голема Фејсбук кампања за отворањето на хуманитарниот пункт, а веќе имаат собрано лекови и се надеваат дека за четири до пет дена ќе се координираат сите со автомобили и со комбиња за да ги однесат до семејствата.